Во продажба расипани млечни производи
Расипани млечни производи пријавуваат охриѓани до организацијата на потрошувачи. Во последно време се актуелни вакви пријави кои охридските потрошувачи ги поднесуваат во поплаки до нас, информира Вангел Спироски од ОПМ. Купувачите се непријатно изненадени од муфлосаните или замирисани млечни прозводи. Јогурт, павлака, кисело млеко имаат валиден рок на трајност, а не се употребливи за конзумирање. Граѓаните коментираат дека забележуваат како некои фрижидери се исклучуваат од струја во вечерните часови. Спироски нема одговор дали расипаните артикли се резултат на такви појави во трговијата.
„ Дали е тоа од исклучување на фрижидерите или нешто друго не можам да кажам. Се случува да го купат производот и откога ќе го отворат дома да биде неупотреблив, а не можат да се вратат да го заменат производот и се доведуваат во непријатна ситуација“додава Спироски.
Засега, потрошувачите не пријавиле месни, кондиторски или други производи со лош квалитет. Затоа пак, охриѓани, како и останатите потрошувачи во земјава, се соочуваат со друга појава, производите во маркетите најчесто им се наплаќаат по различна цена од истакнатата на рафтовите.
„Имаме поплаки за цените. Има секојдневни промени на цените едни на рафт, а други на каса. Реагираат потрошувачите на цените, не се правилно информирани и им се наплаќа повисоката. Една цена гледаат , а друга цена плаќаат “, вели Спироски.
Охридската организација на потрошувачи е во секојдневен контакт со надлежните инспекциски служби. Советуваат потрошувачите да ги заменат производите, поплаките од граѓаните за цените ги проследуваат до пазарните инспектори , а забелешките за лошиот квалитет на прехранбените артикли ги пренесуваат до инспекторите за храна и ветерина.