Skip to main content

Протести

Протест против клубот Цар Борис Трети во Охрид

Во Македонија нема место за фашисти, порачаа граѓаните. Претседателот Блажески, пак не гледа ништо лошо што клубот го носи името „Цар Борис Трети“.
 |  Валентина Неловска  | 

Тензично помина отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Голем број граѓани се собраа на протест пред седиштето на клубот, а присутно беше и големо полициско обезбедување. Летаа камења и јајца кон седиштето на клубот, а беа извикувани и пароли Бугари, Татари , Фашисти. Присутните имаа транспаренти порачувајќи и на ЕУ да не го толерира бугарскиот фашистички однос кон Македонија.

Во демократска земја како Македонија нема место за фашисти. Нека има клуб со друго име, но не со име на фашист, владата да го забрани, страм за Македонија што го дозволи ова “, порачаа иритирани охриѓани кои излегоа на протест.

На отворањето на клубот беа присутни бугарските конзули од Скопје и Битола, претседатели на политички партии и бизнисмени. За претседателот на бугарскиот клуб Томе Блажески , пак нема ништо лошо во отворањето на клубот „Цар Борис Трети“. Според Блажески, целта на отворањето на клубот е да се промовира културата на бугарскиот народ и Бугарите во Македонија. Изјави дека клубот го регистрирале минатата година без никакви проблеми и ги негира обвинувањата на граѓаните кои протестираа пред седиштето дека со името на ова личност ги оживуваат фашистичките идеи.

Ние немаме фашистичко или неонацистичко движење. Се оградуваме од тоа. Во иднина ако има може да не суди државата. Ние го одбравме името како Цар на Бугарите , важен и за нас. Ние сме почитувачи на ликот и делото , но тоа се исполитизира против здружението“ , рече Блажески.

Отворањето на клубови кои носат називи на контрадикторни историски личности и фашисти како што е Цар Борис Трети имаат директно влијание на антифашистичкото минато на Македонија , истакна Рахела Мизрахи, пратеник во македонското Собрание од редовите на Вмро Дпмне и претставник на еврејската заедница во Македонија. Ова што се случува денес е силување на македонскиот народ , неговото антифашистичко минато преку наметнување на вредностите од Третиот Рајх затскриени преку злоупотребата на европската ѕвезда. Тоа не се европски вредности и мора на овие процеси да се стави крај, кажа Мизрахи.

Денес пратеничката група на Вмро Дпмне ќе поднесе предлог закон за измена на Законот за здруженија и фондации за да се спречи идното формирање на вакви квази културни клубови и ќе се реагира за постоечките за кои власта дозволи да се регистрираат“, подвлече Мизрахи.

Организатор на денешниот протест е партијата „Левица“, а официјално го поддржа и ВМРО-ДПМНЕ.