Регулиран пазар на струја за спас на ЈП Водовод
Состојбата со сметките за потрошена електрична енергија на ЈП „Водовод“ Охрид е алармантна. Директорот до градскиот свет денеска достави информација за сериозноста на предизвикот со кој се соочува претпријатието.
Приближно 1 милион евра е сумата која треба да ја плати претпријатието за потрошена електрична енергија за последните три месеци. Фактурата за месец август е во висина од 21 милион денари, сума која ги надминува вкупните приходи на претпријатието. Во 2020 година толку изнесувал вкупниот трошок на п-то за потрошена електрична енергија за 12 месеци.
Состојбата навистина е алармантна, нас ни е потребно час поскоро решение. Не би сакал овој сериозен проблем да го сведиме на некаква политичка дебата туку сите да допринесеме, како да излеземе од ваквата ситуација и да слушнам од советниците предлози и насоки. И тука ги прифаќам алтернативите за фотоволтаици, намалување на загубите на вода, но сите тие се на еден среден или долг рок, а нас ни треба час поскоро решение – истакна Марјан Ристески, директор на ЈП „Водовод“ Охрид.
Загубата на вода е значаен и еден од основните проблеми со кои претпријатието се соочува со години наназад, а дополнително и превработеноста, невложување во основни средства и немањето стратегија на подолг рок, посочи советничката од СДСМ, Живка Ангелоска.
На претпријатието му е потребен акционен план и сериозен пристап да се решаваат проблемите пред се загубата на вода, кажа Ангелоска.
Фрапантни се бројките кои ги изнесовте, но токму вие посочивте дека загубата на вода е 70% што е многу висок процент и половина од тој процент да се фактурира сигурно состојбата ќе е далеку подобра од оваа во која се наоѓа п-то – вели Ангелоска.
Советникот од ВМРО НП Ванчо Костоски покрај потребата од стратегија за решавање на проблемот со загубата на вода ги спомна Летничките извори. Таму имаме три централи како локална самоуправа, направени пред 15 години како јавно приватно партнерство, од кои ниту еден денар не е влезен во јавните претпријатија иако ги следува 30% од нето добивката, кажа советникот и побара информација во врска со нивното работење.
Константа загуба или позитивна нула покажвит фирмата што ги работи тие централи. Има испорачана електрична енергија, има профит од тоа и има трошковник и од тоа се гледа дали е во позитива или негатива, таа нон стоп покажува негатива. Како работи 13 години во загуба. Јас мислам трошоците што ги прикажува не се реални – кажа Костоски.
Костоски посочи дека решение треба да се бара и во Свињишките извори. За искористување на тие извори постои проект ДУВЛО според којшто ЈП „Водовод“ ќе добие со гравитација без трошење струја 280 литри вода во секунда. Тој проект се работи и ќе биде завршен, кажа претседателот на Совет, Сашо Донев. За загубата на вода кажа дека е проблем на сите водоводни претпријатија на ниво на држава.
Поради, најчесто дотраената водоводна инсталација, во која не се инвестирало со години. Знаете градов колку има инкасирано од наплатени комуналии, колку згради се изградени, а ние функционираме со истиот водовод и канализација од 50-та година кога Охрид беше 5-пати помал од денес – кажа Донев.
Донев предложи Советот да донесе заклучок за изработка на студија за материјалната и финансиската состојба на ЈП „Водовод“ Охрид со цел утврдување на оправданост од преземање на мерки за надминување на последиците од енергетската криза.
Спремни сме да ги решаваме проблемите и имаме проекти, но тие ќе дадат резултати на долг рок, а во моментов потребно ни е инстант решение за јавните претпријатија, кажа Градоначалникот Кирил Пецаков.
Предлагам заклучок, да се испрати барање до Владата за преминување на јавното претпријатие Водовод и доколку е возможно и другите јавни претпријатија, да мигрираат од слободен на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија – рече Пецаков.
Советниците го донесоа заклучокот на предлог на градоначалникот Пецаков, а ја усвоија и одлуката за субвенционирање на трошоците за електрична енергија на ЈП „Водовод“ во висина од 2 милиони денари од општинскиот буџет.