Учениците од текстилниот смер на струшкото „Нико Нестор“ изработуваат модни креации од стара облека. Стари неупотребливи парчиња текстил, хартија и предмети се материјалите од кои креираат нови модели.
Целта на проектот поддржан од УСАИД е преку практична настава учениците да бидат подготвени за пазарот на трудот. Тие се стекнуваат со вештини за целокупниот процес од идеја до готов производ. Конструираат, кројат, моделираат и шијат.
Имавме 15 модели кои што ги работевме со голема љубов и трпение. Еден од моделите беше старо сако за кој што искроивме 640 круга од хартија, а потоа еден по еден ги шиевме на сакото – вели Џезија Мавмудоска ученичка.
Покрај стара облека во мојот модел се употребуваа и стари предмети како стари скршени цедиња кои успеав да ги вметнам во фустанот во форма на срце и исто така направив венче од пластични сламки – вели Мелиха Тајроска ученичка.
Во текот на практичната настава учениците учат и плетење и везење, вредните ракотворби кои денес се во изумирање.
Плетењето го научив повеќе тука, нешто и дома. Почетокот беше малку тешко, но кога го усовршив ми е лесно – вели Евдокија Џероска ученичка.
Имавме и торбичка која што беше направена од материјалот што остануваше во изработката на пердувите. Имавме и изработка на накит кој беше изработен од монистра – вели Седина Руфатоска ученичка.
Во изработката на модели од отпадоци беа вклучени ученици од македонска и албанска настава, но и ученици со посебни потреби. Моделите насловени „Рециклирана убавина“ ќе бидат претставени на модни ревии низ државата.
Новинар : Соња Рилковска