Орманци плаќаат, а тонат во мрак
Жителите на село Орман живеат во мрак без улично осветлување. Населбата која се наоѓа на само 2 километри до Охрид тоне во темница во вечерните часови. Иако, орманци плаќаат месечен надоместок од 184 денари за јавно осветлување на Локалната самоуправа оставени се без улични светилки. Луѓето се движат по темнина по главниот пат кој станува опасен по нивните животи. Тесниот пат кој поминува низ селото не го користат само орманци туку и жителите од соседните села Горно и Долно Лакочереј, раскажува Стојче Спасески , жител на оваа приградска населба.
„Се соочуваме со проблем преку 20 години. Бараме осветлување, но нема. Патот е тесен , во земјоделски крај, поминуваат луѓе од работа по нивите , од Лакочереј.Проблем имаме патот е асфалтиран, многу кои поминуваат со автомобили не може да ги видиш не заслепуваат, има велосипеди, поминуваат трактори , коњски запреги “, кажува Спасески.
Тесниот, фрекфентен пат посебно е опасен за децата кои се враќаат од училиште во вечерните часови. Родителите се загрижени за сообраќајната безбедност на нивните основци и средношколци па мора да ги земаат од училиште, вели Ванчо Стојаноски.
„Орман е мало село , но има 50 тина деца. Родителите ретко ги пуштаат со велосипед да одат на училиште, навечер им е страв да се вратат по неосветлениот пат и ги земаат со кола. Тука гравитираат и жители од Лакочереј, а патот е тесен , има и кучиња“.
Жителите бараат решение за овој сериозен комунален проблем. Досега, од надлежните нема слух по бројните поднесени молби и барања до Фондот за Комунален развој на улици патишта при Локалната самоуправа, вели Стојаноски. Во 21 век мора да бараме јавно осветлување за кое не е потребна голема инвестиција бидејќи улицата веќе ја има потребната инфраструктура.