Младинскиот центар во Охрид (МЦО) официјално отворен во просториите на компексот Касарна. Отворањето на Центарот е резултат на имплементација на Законот за младинско учество и младински политики и интензивно работење на локалната самоуправа и младинските организации се со цел да се добие место кое ќе биде сервис за младите, каде ќе се спроведуваат програми за подобрување на благосостојбата и унапредување на личниот, социјалниот и професионалниот развој на младите.
Оние кои што ќе работат во овој центар се посветени млади луѓе кои добро си ја знаат својата работа, покажале проактивност околу делувањето и функционирањето на младите а со тоа и подобрување на животот на младите, кажа во своето обраќање, Градоначалникот Кирил Пецаков.
„Денешниот ден ме исполнува со искрена радост затоа што успеавме по подолго време да го отвориме младинскиот центар во Охрид. Ова покажува дека како локална власт, покрај законските обврски ние искрено сме посветени да го подобриме животот на младите, верувам дека младите од Охрид со нивната енергија и елан овде ќе имаат оптимални услови за развивање на креативни идеи за реализација на проекти од најразлични области, а со тоа ќе имаат лична и професионална сатисфакција за сиот свој ангажман.“, вели Кирил Пецаков, Градоначалник на Охрид.
Градоначалникот на Охрид, упати искрена благодарност до УСАИД за несебична помош и поддршка за реализација на овој проект и до Коалиција на младински организации СЕГА за нивниот ангажман, исто така увери дека општината ќе биде доверлив партнер и поддржувач на сите активности на Младинскиот центар.
Извршниот директор на СЕГА, која ќе раководи со Центарот во Охрид во период од 3 години, истакна дека охридскиот е прв Центар којшто е според стандардите на Европските центри и дека ќе биде пример недостижен за сите останати општини да отворат и посветат ваков простор за младите.
„Се надевам дека овој Центар не само што ќе служи како добар пример но ќе дава и успешни приказни односно успешни лекции за сите останати општини и градоначалници кои сакаат да го следат овај пример каде што че постават високи стандарди за да го задоволат стандардот на живеење на младите. Наша заедничка цел е да ги задржиме младите овде , бидејќи тука е нивната иднина , а за да има иднина треба да обезбедиме структура . Овој младински центар ќе биде еден од основните којшто понатаму ќе ги води и активностите и ќе ги координира сите останати организации коишто работат со млади.“, кажа Зоран Илиески, Извршен Директор на „СЕГА“.
Ова е значаен момент за младите, за културата , за градот Охрид, чин кој долго време се чекаше. Визијата што ја имавме како младински организации полека станува реалност, истакна Раководителот на Младинскиот Центар Охрид, Јован Цветкоски.
„Центарот ќе нуди многу услуги, многу можности коишто ќе бидат бесплатни и ќе работи секој ден , ќе се изработува со договор рапоред календар на активности и содржини , ќе биде достапен за сите без поделеност . Ги повикувам младите да дојдат , да бидат тука присутни , да бидат гласни со своите идеи.“, посочи Раководителот на Младинскиот Центар Охрид, Јован Цветкоски.
Свечениот чин на отворањето на Младинскиот центар беше збогатен со музички настап на членовите на Ансамбл Билјана: Христијан Томевски и Арбен Бени Бајрам, а беше проследена и промоција на млади фотографи преку изложба на фотографии – 5 млади фотографи од Охрид: Ива Јовановиќ, Анамарија Момироска, Никола Ставрески, Анастасија Стојаноска и Христијан Јанкуловски.