Утре промоција на книгата за есеистиката на Горан Стефановски
Со читање од есеите на Горан Стефановски, критички осврт, беседи и изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан”, утре (15 октомври), со почеток во 12 часот, кај спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски”, на скверот „Јас и ти” во Дебар Маало ќе биде промовирана книгата „Идентитетот е приказна” од Иван Антоновски.
Ова е прва книга за есеистиката на Стефановски, со детално анализирање и вреднување на овој сегмент од неговиот творечки опус, а неодамна ја објави издавачката куќа „Полица”, по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски писател и есеист.
Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова, а водител на промоцијата ќе биде актерот Благоја Чоревски кој има остварено улоги во речиси сите изведби на драми на Горан Стефановски на нашата театарска сцена и на настанот ќе сподели и дел од своите спомени за големиот автор.
На настанот, фрагменти од есеи на Стефановски ќе се слушнат со прочит на актерите Енџи Николоска и Никола Настоски. Притоа ќе бидат прочитани фрагменти и од последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)”, објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна”. Со изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан”, на промоцијата ќе учествуваат и деца од Актерската школа на Весна Петрушевска, како претставници на генерациите заради кои денес треба да се разберат голем дел од пораките во есеите на Стефановски, анализирани во книгата „Идентитетот е приказна” од Иван Антоновски.
Објавувањето на оваа книга е остварено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, а со поддршка од Министерството за култура. Оваа прва промоција на „Идентитетот е приказна” откако книгата веќе е достапна за читателите во книжарницата на „Полица” ќе се одржи со поддршка од Општината Центар и на настанот ќе се обрати и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Во рамките на настанот е предвидено и дружење на присутните со споделување спомени за Горан Стефановски и разговори за книгата „Идентитетот е приказна”, овозможено со поддршка од винарската визба „Тиквеш”.
Книгата „Идентитетот е приказна” од Иван Антоновски се смета за исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура, а со оваа нејзина промоција ќе се оствари уште едно чествување на значајниот јубилеј – 70 години од раѓањето на Горан Стефановски.