Skip to main content

70 години од раѓањето на горан стефановски

Промовирана книгата Идентитетот е приказна

Одржана промоцијата на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Прва книга за есеистиката на Горан Стефановски.
 |  инфодеск  | 
Промоција на книга

Просторот околу „Клупата на Горан Стефановски” во Дебар Маало беше претесен за да ги собере сите присутни на промоцијата на книгата „Идентитетот е приказна” од Иван Антоновски, објавена по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски автор и есеист. Универзитетски професори, писатели, актери, режисери, продуценти, ликовни уметници, бизнисмени, политичари, новинари и активисти на граѓанскиот сектор, но најважно – бројни почитувачи на делото на Стефановски дојдоа да го поздрават објавувањето на книгата на Антоновски, кој е прва во која детално се анализира и вреднува неговото есеистичко творештво. Книгата на Антоновски е оценета како исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура, а присутните во долга редица чекаа за да дојдат до својот примерок.

Oва е првиот системски и систематизирачки пристап кон есеистичкиот опус на Горан Стефановски, обезбедувајќи го неопходното формално-критичко вреднување на еден заокружен корпус којшто е неформално валоризиран преку цитатното сеприсуство во дигиталниот и во културниот простор. Следствено, тоа е значаен влог и во рамките на она што авторот Антоновски го именува како горанологија – истакна во промотивната беседа, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова.

Промоција на книга

Таа меѓу другото напомена дека вешто избегнувајќи ги стапиците на тавтолошкото навраќање кон есеите на Стефановски, авторот Иван Антоновски успеал во шесте поглавја методолошки, структурно и стилски приемчиво да ги елаборира семантичките јазли во есеистичкото писмо на Стефановски, издигнувајќи го на рамниште на релевантен предмет на научен интерес и следствено, придонесувајќи со своето истражување и во македонската книжевна наука.

„Идентитетот е приказна” не е само книга во којашто се толкува есеистичкиот корпус на еден исклучителен и автентичен интелектуалец. Тоа е и книжевно-научна студија во вистинската смисла на зборот која проникливо, аналитично, аргументирано, но и полемички ги нотира актуелните состојби во книжевната наука, вклучително и македонската, давајќи конкретни предлози за понатамошни истражувања и во однос на есејот, вклучително и македонскиот, и во однос на есеистичкиот опус на Стефановски – нагласи Ѓорѓиева-Димова.

Инаку, водител на програмата беше актерот кој има остварено улоги во речиси сите изведби на драми на Горан Стефановски на македонската сцена – Благоја Чоревски, кој на сцената се појави со култната реплика од „Тетовирани души”: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност”, при што напомена дека е добро што во сегашноста што ја глумиме, и на ваков начин, достојно со одбележува јубилејот на Горан Стефановски – со прва книга за неговата есеистика.

Кога често се навраќам на многуте изведби на драмските текстови на Горан во кои имам играно, една од репликите што први ми доаѓаат на ум е една од „Диво месо”: „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.” Но денес, овде, на штандот на издавачката куќа „Полица” има нешто навистина вредно – книга важна за сите нас – нагласи Чоревски.

Промоција на книга

На промоцијата одекнаа и фрагменти од есеи на Стефановски со прочит на актерите Енџи Николоска и Никола Настоски, а беа изведени и фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан” од младите актери од Актерската школа на Весна Петрушевска. Како што беше посочено на настанот, тие се претставници на генерациите заради кои сме обврзани да ги разбереме пораките од есеите на Горан Стефановски, а кои се анализирани во „Идентитетот е приказна” од Иван Антоновски.

Меѓу другото, на промоцијата беше прочитан и освртот за оваа значајна книга од универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар, Венко Андоновски, во кој тој нагласува дека конечно се случи едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика.

Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски – истакнува Андоновски во освртот.

Настанот беше поддржан од Општината Центар и со свое обраќање се вклучи и градоначалникот, Горан Герасимовски, при што меѓу другото и го цитираше Стефановски: „Ни треба макотрпна работа за да ja утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна.”

Посакувам и се надевам денешниов настан да се памети и како едно од културните збиднувања во центарот на Скопје во текот на оваа 2022 година, кога го чествуваме јубилејот, и како настан преку кој се промовира и остварува ново исчитување и вреднување на еден значаен дел од творештвото на нашиот Горан. Kнигата е дел од она што ќе остане и како едно од трајните обележја на јубилејната година и како референца за нови исчитувања на Горановото творештво – истакна градоначалникот Герасимовски.

Промоција на книга

Во завршницата на настанот, пред многубројните присутни се обрати и авторот на „Идентитетот е приказна”, Иван Антоновски.

Она што како чувство за идентитет се носи во срцето не се чисти метафори, туку се обврски, ни порачуваше Горан. Затоа што идентитетот е приказна, но и работа и одговорност! Да се исчитаат неговите есеи беше и е обврска кон македонската книжевност и култура – посочи младиот, но докажан и искусен автор, Антоновски.

Есејот на Горан Стефановски, како што нагласи Антоновски, не завршува со три точки, туку со точка или извичник – со конкретна порака и заклучок! Според него, ако суштински ги разбереме Горановите пораки од есеите, тогаш и ќе успееме вистински да ја покажеме нашата приказна – нашата вистина за тоа кои сме биле, кои сме и кои сакаме да бидеме за однапред, како што би рекол Стефановски.

Во своето обраќање, Антоновски фрли ракавица кон книжевните проучувачи за натамошни исчитувања на есеистиката на Горан Стефановски.

Тезите заклучоци, во „Идентитетот е приказна” ги поставив на мегдан – да бидат потврдени, оспорени или дополнети преку натамошни исчитувања. Впрочем, секоја теза заклучок од ова исчитување со себе носи и отворени прашања и едновремено е и отворен повик за натамошно исчитување – укажување дека исчитувањето на Горановата есеистика, ама и на Горановите драмски текстови не е завршено и дека треба и мора да продолжи – кажа авторот Антоновски.

Иван Антоновски

Имајќи предвид дека првичната верзија на книгата „Идентитетот е приказна” е негов одбранет магистерски труд посветен на идентитетските прашања и дилеми во есеите на Горан Стефановски, на сцената се појави и менторката на трудот, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска. Како што истакна таа, Горан не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски, затоа што ова колку што е дело на Иван Антоновски, толку е и провокација што тој ја нашол читајќи го Горан Стефановски.

По промоцијата, дури во долга редица присутните го чекаа својот примерок од „Идентитетот е приказна” имаше и дружење со споделување спомени за Стефановски и коментирање за неговите есеи, овозможено од винарската визба „Тиквеш” како поддржувач на настанот. Притоа, присутните можеа да слушнат и дел од пораките на Стефановски за идентитетот и слободата, но и познатите мелодии зад кои со текст стоеше токму тој.

Инаку, книгата „Идентитетот е приказна” е објавена од издавачката куќа „Полица”, во соработка со Здружението за промоција и сочувување на културното наследство на Горан Стефановски, а како проект од национален интерес во културата за 2022 година, изданието, финансиски е поддржано од Министерството за култура.