Црвен крст Охрид најдобар во Македонија
ОО Црвен Крст Охрид најдобар во Македонија. Охридската хуманитарна организација и годинава, по четврти пат е добитник на највисокото признание во рамки на Националната програма „Црвен Крст во акција – промоција на хумани вредности“. 22 младинци волонтери со четворица ПХВ ментори изработија 4 проекти за подигнување на еколошката свест кај своите врсници, уредија парк, изградија дом за тричлено социјално ранливо семејство, креираа мултиетнички хор и ја олеснуваа социјализацијата на дечиња од социјално најзагрозените групи во Охрид. Поради тоа го добија Пехарот за 2022 год кој им беше доделен на Свечена церемонија.
20 млади волонтери на Црвен Крст Охрид, претставуваат позитивен пример и кои преку своите активности и годинава покажаа и докажаа дека љубовта, хуманоста и човечноста, моралноста и доблеста се столбот во животот на секој човек. Сигурни сме дека хуманиот белег што го оставија и го оставаат младите волонтери на Црвен Крст Охрид ќе биде предизвик и поттик за хумано делување на бројни сегашни и идни волонтери од сите возрасти. Гледајќи ги овие младинци и нивните дела ние веруваме во подобар свет – кажа пред присутните во Големата сала во Општина Охрид, Весна Терзијоска, потпретседател на Црвен Крст Охрид.
ОО на Црвен Крст Охрид не навикна постојано да бидеме сведоци на нивните врвни постигнувања во промовирањето и реализацијата на хуманите проекти, истакна во своето обраќање Градоначалникот Кирил Пецаков.
Општинската организација на Црвен крст е најдобра во Македонија што го покажува Пехарот за најуспешно спроведени проекти. Најискрени честитки до Црвен Крст Охрид, но дозволете да ги издвојам младите волонтери и од срце да им упатам честитки за нивната посветеност, инвентивност, пожртвуваност и хуманизам кој несомнено го поседуваат. Секоја чест за вас мои млади сограѓани. Општина Охрид секогаш имала одлични односи со Црвениот Крст и ве уверувам дека така ќе биде и во иднина, затоа што за нас најголемата вредност е човекот, а преку работата на Црвен Крст најнепосредно допираме до основните хумани, социјални, културни потреби на нашите сограѓани – истакна во своето обраќање Пецаков.
Генералниот секретар на Црвен Крст на Македонија, Саит Саити упати честитки до ОО на Црвен Крст Охрид и до сите останати општински организации за сето тоа што го направија преку 120 проекти и собрани 123 000 евра, преку мотивацијата, поттикот и придонесот којшто го дадоа во заедницата.
Без нив, без овие млади луѓе, без овој проект, нашето национално друштво денеска немаше да изгледа вака како што е. Без вашето работење и резултати нема да бевме успешни. Овој проект покажува дека доколку нештата се прилагодуваат на опкружувањето и на тоа што е контекст и потреби на луѓето, нештата живеат – истакна Генералниот секретар на Црвен Крст на Македонија.
Волонтерите од Црвен Крст од целата држава кои беспоштедно работат на проекти преку целата година прават конкретни дела со кои им помагаа на ранливите категории граѓани во својата заедница. ПХВ програмата регрутира млади луѓе, кои преку усвојување култура како систем на вредности, преку теорија и пракса, обука и делување на терен, се претвораат во армија млади луѓе кои ја носат униформата и даваат помош во заедницата притоа градејќи го имиџот на националната организација на Црвек крст, истакна националниот Координатор на ПХВ Програмата Александра Ристоски.
Верувајте дека тие млади луѓе на почетокот и на крајот на програмата не се исти. Тие се променети и сметаме како Црвен Крст дека тие се навистина подготвени да бидат лидери во нашата заедница – кажа Александра Ристоски.
ОО на Црвен Крст Охрид е активна во програмата за промоција на хумани вредности 20 години, тоа низ бројки значи над 800 млади луѓе од Охрид обучени и стекнати со вештини корисни за активизам во заедницата, над 100 изработени проекти во Охрид за добробит на заедницата и помогнати над 400 сограѓани и семејства на кои им била потребна помош. Од Црвениот Крст велат дека зад оваа статистика се крие многу енергија, љубов, посветеност, тимска работа, упорност, сплотеност, препреки и среќа.