Кампања за безбедност во сообраќајот во Охрид
Превентивна акција на МВР и РСБСП за зголемување на безбедноста во сообраќајот реализирана денеска во Охрид. Организаторите го искористија зголемниот број на туристи, а со тоа и зголемен број пешаци и возачи на моторни возила присутни во Охрид во празничниот продолжен викенд, за да низ разговори им дадат препораки за намалување на ризиците во сообраќајот и зголемување на безбедноста. Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска, рече дека пешачењето е суштински дел од одржливата мобилност, го подобрува здравјето на луѓето и влијае на унапредувањето на животната средина, но истакна дека бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди секаде во светот е значително висок.
„Посебен акцент е поставен на пешаците. Пешаците треба да ги почитуваат правилата и прописите. Пешаците се рамноправни учесници во сообраќајот. На пешаците им делиме едукативно превентивен материјал и разговараме за намалување на незгодите и причините што можат да се случат во незгодата.“, кажа Гордана Кожуваровска, Претседателката на РСБСП.
Ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски со апел до пешаците, но и до возачите.
„Улицата да ја преминуваат на пешачки премин и на зелено светло, затоа што непочитувањето на овие правила може да донесе до сообраќајна несреќа. Исто така апелираме и до возачите, секогаш кога ќе се приближат до пешачки премин да ја зголемат внимателноста, да ја намалат брзината затоа што пешаците секогаш имаат предност и тие мора да бидат пропуштени. Апелираме уште еднаш, да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и на тој начин сите заеднички да ја зголемиме безбедноста.“, потенцира Тони Ангеловски од МВР.
Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка, посочи Ангеловски.
Минатата 2021 година имало 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години.