Регулаторната комисија за енергетика денеска донесе одлука да ги намали цените на нафтените деривати од половина до два и пол денари за литар.
Со оваа одлука се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто во однос на малопродажните цени утврдени согласно одлуката на Регулаторна од 19-ти октомври.
Со ова, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС95 и ЕУРОСУПЕР БС98, се намалуваат за еден денар и ќе изнесува 88 денари за литар односно 90,5 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ се намалува за 2,50 денари и ќе се продава за 100,5 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 1,50 ден и ќе чини 97 денари за литар. Малопродажната цена на Мазутот се намалува за 0,43 денари и еден килограм мазут ќе чини 49,4 денари.