Слаб интерес за доктори во руралните средини
Слаб е интересот на младите лекари за работа во руралните средини. И покрај ваквата слика, од Ботун до Пресека, нашата соседна рурална Општина Дебрца, е добро покриена со примарна здравствена заштита. Здравствени услуги даваат двајца доктори вработени преку проектот „Рурален доктор“ на Министерството за здравство. Градоначалникот Зоран Ногачески објаснува дека иако не е во нивна надлежност, тие како општина помагаат во инфраструктурното осовременување и зачувување на некои од функционалните амбуланти во оваа општина.
Во моментов на територијата на општината делуваат двајца доктори по примарна заштита, тие се преку МЗ како рурални доктори, рурални амбуланти. Едниот доктор ги покрива амбулантите во село Лешани и во село Велмеј, додека другиот во селото Белчишта и во селата Злести, Слатино и во амбулантата во Сливовски анови – истакна градоначалникот Ногачески.
Но, и покрај неколку неуспешни обиди за пројавување на интерес за нивно отврање, сепак остануваат нефункционални некогашните амбуланти во селата Мешеишта и Требеништа, вели Градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.
Пред повеќе од една деценија државата изградила петнаесеттина објекти кои требаше да бидат рурални амбуланти од кои десет, до ден денес не ни профункционираа, признава во интервју за Макфакс, Министерот за здравство Беким Сали.
Не се нашло начин како да се мотивира доктор таму да се ангажира да се вработи, да му се склучи договор со фондот. Примарното здравство мора да биде основата на здравствениот систем, дали ние се согласуваме или не, затоа што доколку вие во примарното не превземете нешто кај пациентот, акутното преминува во хронично, кое не знаеме како ќе се развива во иднина. Имаме рурални средини во кои пациенти не се опслужуваат со здравствена услуга – вели министерот Сали.
Министерот за здравство кажа дека ова е генералната слика за покриеноста со давање на примарни здравствени услуги во руралните средини, но потенцира и дека постојат матични лекари во некои од руралните средини кои пружаат соодветна услуга. Тој вели дека очекуваат донација од странска држава која треба да овозможи теренска здравствена услуга.
Здравствената нееднаквост, испорачана во последниот извештајна Европската Комисија останува еден од најголемите проблеми во здравството кај нас.