Три дена македонска култура во Корча
Поминаа три незаборавни дена во Корча, 27 – 29 октомври, кога во организација на Амбасадата на Македонија и македонскиот Културно-информативен центар во Тирана се одржаа ,,Денови на македонска култура“.
На Универзитетот ,,Фан Ноли“ беа одржани часови по македонски јазик. Интенцијата е овој настан да се заокружи со отворање лекторат по македонски јазик во градот Корча.
Во Градската библиотека во Корча, градоначалникот Сотираќи Фило и неговите соработници, заедно со нашиот амбасадор, Данчо Марковски, и директорот на КИЦ – Тирана, Златко Ориѓански, отворија изложба на Зоран Кардула, на која настапи блуз-бендот „In the mood“.
Следниот ден Заводот и музеј од Битола ја отвори изложбата „Невестински соништа“ во „Куќата на знамето“.
На 29 октомври настапи хорот „Менада“ од Тетово во Корчанскиот театар. Фантастичниот настап на хорот беше проследен со силен аплауз. Веднаш по концертот беше прикажан филмот „Медена земја“.
Овие три дена во Корча имаат историско значење за двете пријателски земји. Плакатот, кој беше поставен на Корчанскиот театар, беше отпечатен на македонски и на албански јазик.
На 30 октомври хорот „Менада“ настапи во с. Пустец, Република Албаниjа, при што Министерството за култура на Македонија му подари на тамошното население книги и библија за деца напишани на македонски јазик.