Нелојалната конкуренција негативно влијае на функционирањето на бизнисите во занаетчискиот сектор, се жалат занаетчиите. Тие велат дека покрај евтината кинеска роба на пазарот во земјава, голем проблем се онлајн продавниците на социјалните мрежи.
Не плаќаат кирии, вработени, даноци, а нудат рачно изработени производи по пониски цени.
Јас можеби го одбирам потешкиот начин ама сакам да сум оригинална, за нашиот регион. Моите производи не може да се најдат на друго место не се копирани, таму да има по поевтина цена производи и по 50 денари – вели Данче Наумоска, занаетчија изработувач на производи од бакар.
Занаетчиите ги загрижува и енергетската криза, за што занаетчиската комора поднесе барање тие да не плаќаат индустриска струја туку цена како за домаќинствата.
Малце психички ни делува енергетската криза како кај сите така и кај нас. Прво беше ковид, го поминавме тоа сега енергетска криза и тоа ќе помини само треба да се издржи. Е сега малку потсвесно внимаваме, почнавме да внимаваме да намалуваме со цел да заштедиме ама ќе помине и ова – додава Наумоска.
Сивата економија создава незадоволство затоа што нелегалниот бизнис на интернет просторот делува без никакви давачки, а нема ниту контрола и надзор.
Занаетчиската комора предупредува дека секторот е во криза и информира дека побарала од Владата субвенционирање на дел од сметките за потрошена електричната енергија за занаетчиите од октомври 2022 до мај 2023 година. Доколку не се субвенционираат занаетите на кои им е потребна поддршка во овој период, потенцираат од Комората, голем дел од нив ќе престанат да вршат дејност.
Новинар : Соња Рилковска