Skip to main content

Традиција

Да се гордееме со нашата традиција

Имаме богато поднебје и гастрономија. Во школите да се издигне на повисоко ниво едукацијата за земјоделството и сточарството, споделува Наташа Неданоска, професор по Македонски јазик и домаќинка во „Пирустија“, од селското домаќинство во с. Рамне.
 |  Валентина Неловска  | 
пирустија

Имаме автентично плодно богато поднебје и традиција. Да не се срамиме туку да го издигнеме на повисоко ниво со едукација за градинарството и сточарството во нашите школи. На учениците природно да им се всади љубовта кон земјата и домашните животни, а не да се срамат од работата на нива или на фарма, споделува Наташа Неданоска професор по Македонски јазик и домаќинка во Пирустија од селското домаќинство во с.Рамне. Неданоска со голема љубов ги споделува нејзините искуства кои ги носи во себе , но и кои ги стекнала од контактите со посетителите за кои со нејзиното семејство, произведуваат и подготвуваат традиционална Македонска храна и учествува на настани во странство преку Slow food организацијата.

Одбележување 11 октомври

„ Јас преку мојот пример сакам да покажам дека е многу нормално да бидеш наставник, да влезеш во својата фарма да исчистиш, да направиш традиционален комад , а вечерта да се дотераш и да излезеш на коктел. Мојот лајф мотив е „ Учиме да сучиме“, тоа го правам со моите деца, со учениците и посетителите. Тоа е мој порив, јас ја сакам традицијата и сакам да ја пренесувам, тоа е нашето богатство “.

Споделува каде се наоѓа македонската гастрономија во споредба со другите земји и дали Македонците го ценат она што го поседуваат. Ние имаме плодна почва, богата историја за готвење и премногу вкусни специјалитети кои мора да ги зачуваме од заборав, вели Неданоска. Љубовта кон татковината, меѓу другото, се гледа и во зачувување на автохтоните сорти кои успеваат на нашето тло, но и во заедништвото и братството, сето тоа е излез од сите кризи кои ни се закануваат во овие неизвесни времиња.

„Нашата културна автентичност да ја сакаме, а не модерното, да не се срамиме и да не го отфрламе нашето традиционалното. Лесно прифаќаме туѓи модерни теркови , но и нашите се солидни. Имаме квалитет и мора да го зачуваме“.


Јас не сум експерт од таа област, но сакам само да бидам подобра личност. Правам мали чекори кон нешто добро. Не смееме да дозволиме само да ја газиме земјата туку да ги поддржиме локалните производители на храна во обработувањето на плодната квалитетна почва, напоменува Наташа Неданоска.