Ќе добијат ли стружани пониски сметки за струја?
Нема одговор по поднесениот Управен приговор до општина Струга, за намалување на комуналната такса поради рестрикциите на јавното осветлување. Од општината молк, граѓаните и правниците не се откажуваат, велат, доколку не се намали таксата ќе поднесат тужба и до Управниот суд.
Стружани плаќаат исто, 184 денари по домаќинство месечно, а повеќе од два месеци немаат градско осветлување, улиците од 20 часот се во мрак.
Ние се уште немаме добиено одговор по однос на ова прашање, но очекуваме да добиеме било каков одговор. Бидејќи каков и да е одговорот на нашиот управен приговор нас потоа ни следува право за поднесување на тужба до Управниот суд – вели Глигор Ќатоски, правник од иницијативата „Доста е“ Струга.
Стружани бараат за намалувањето на комуналната такса за јавно осветлување да одлучува советот, бидејќи во криза општината ги инкасира парите, а штеди на грбот на граѓаните.
Да се разговара на оваа тема на советот на општината од проста причина што во оваа криза би било корисно граѓаните да добијат и сразмерно намалување на комуналната такса за јавното советлување – додава Ќатоски.
Пред две седмици правници и граѓани поднесоа Управен приговор до општината за сразмерно намалување на комуналната такса за јавно осветлување, поради неговото исклучување.
Новинар : Соња Рилковска