Јапонскиот амбасадор ја посети охридската болница
Амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада ја посети ЈЗУ Општа болница Охрид. На хируршкото одделение направија увид на затворање на јапонскиот грант за набавка на подвижен рендген апарат кој чини над 60.000 евра заедно со градоначалникот Кирил Пецаков и директорот на болницата Асен Шаин. Амбасадорот Савада од името на својот народ напомена дека е среќен што Македонскиот народ ја има нивната поддршка за подобри здравствени услуги кои се прават во рамките на јапонскиот проект GGP „Mали грантови за основни потреби и човекова безбедност“.
„Драго ми е што во изминатите 4 месеци со оваа донација се извршени 50 интервентни снимки што овозможуваат попрецизно дијагностицирање кај пациентите за време на операциите. Во рамките на иницијативата на Западен Балкан, Јапонија е посветена да ја поддржува Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој што е важно за интеграциите во Европската унија“.
Асен Шаин, директорот на Општа болница Охрид, заблагодарувајќи се за вредната донација, истакна дека се овозможуваат подобри услови на хируршкото одделение за време на сложените оперативни интервенции. Со современиот апарат се подигнува квалитетот и безбедноста на пациентите, напомена Шаин.
„Се добиваат брзи, квалитетни и прецизни дијагнози за потребите на хируршкиот тим за врема на операциите. Би сакале да се заблагодариме за долгогодишната соработка со јапонската амбасада која датира од 1996 година, а се интензивира во 2016 кога е добиена донација од амбулантно возило за потребите на Охрид“.
Охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков, исто така, упати благодарност од името на охриѓани за вредната Јапонска донација наменета за здравствениот систем и лекувањето на пациентите. Оваа донација е пример за нашето долгогодишно пријателство со реализација на многу проекти со нивна помош. При тоа, градоначалникот Пецаков потсети на некои од нив .
„Проект за реновирање на санитарни јазли во ОУ Христо Узунов, проект за набавка на медицинска опрема во медицински центар Охрид, проект за набавка на кревети и машини за копирање во детската градинка Јасна Ристеска, проект за подобрување на медицинска услуга со набавка на пренослив рендген апарат и возило за чистење на отпадни води “.
Jапонската амбасада преку програмата за финансирање на GGP проекти досега има финансирано 171 проекти во износ од 8,5 милиони долари.