Прличевци не сакаат сивило и бетон
Основците од |||-2 од „Григор Прличев“ упатија еколошка порака. Порачаа дајте ни зелено наместо сиво, дајте ни парк наместо бетон. Учениците заедно со родителите и наставничката уредија еколошко катче и организираа акција за покревање на еколошката свест под мотото „Ние и климатските промени“.
Проектот за подигнување на еколошката свест кај најмладите се организира во месец ноември, месецот посветен на Правата на децата, а со поддршка од Советот на родители и училиштето, кажува Лилјана Ефтимовска, директорка на основното училиште.
„Децата покажаа дека имаат висока свест за значењето на екологијата преку нивните активности кои ни ги покажаа. Испратија порака до возрасните и тие да се свесни за значењето на екологијата колку и учениците“.
Проектот поделен на неколку катчиња ја постигна целта за да се доближат сите загрозени сегменти од нашата околина поради климатските промени, а за кои главен фактор е негрижата на човекот. Учениците преку акција за собирање селектиран отпад, засадување цвеќиња за прочистување на воздухот, истражување на тема видови животни пред изумирање, пластиката во океаните и низа активности презентираа начини како се чува животната средина. Покажаa дека со рециклирање, со зеленило, грижата кон животинските и растителните ендемични видови како треба да се заштити озонот, како да се чува воздухот и водните површини. Ефтимовска напоменува дека од големо значење е од рана возраст децата да се воспитуваат во здрав еколошки дух.
„Многу е важно сето тоа. Затоа ги преземаме овие активности за да ги сензибилизираме и да ја подигнеме еколошката свест за значењето на животната средина кај учениците. Но, тоа да го направиме не само кај учениците и кај родителите туку да го пренесе и на пошироката јавност“.
Овој проект успешно ја активира свеста и желбата кај најмладите за подобро однесување кон околината за да се подобрат условите на нашата планета Земја како убаво место за живеење. Ефтимовска информира дека ќе се работи на еколошка едукација на учениците со слични проекти преку целата учебна година.