Skip to main content

Прес конференција

СДСМ Охрид: Една година мандат, многу ветувања, никаква реализација

Првата година од мандатот на Градоначалникот Пецаков и локалната власт во знакот на манифестации, фестивали и протоколарни средби, манипулација и популизам, а ништо од реализација на ветените проекти, критикуваат од ОО на СДСМ Охрид. Пецаков не може да ги реализира готовите проекти кои ги затекна, а се уништува и она што беше веќе направено како улицата АСНОМ, кажа претседателката на општинскиот огранок, Крлеска Деспотоска.
 |  инфодеск  | 
Прес Сдсм

ОО СДСМ Охрид со критики до локалната власт за работењето во првата година од мандатот. Многу ветувања, многу очекувања, никаква реализација. Ако по утрото денот се познава, промените нема да донесат светла иднина за охриѓани. Зад нас останува година на многу протоколарни средби, а никаква реализација на ветените проекти за развој на градот и подобро живеење за сите, кажа денеска на прес конференција претседателката на охридскиот огранок на СДСМ, Кристина Крлеска Деспотоска.  

Затоа и отчетноста на Пецаков беше далеку од очите на Охриѓани, далеку од оние кои му ја дадоа довербата. Оваа локална власт не работи за граѓаните и не одговара пред граѓаните. Одговара само пред својот лидер – Мицкоски.  Да го потсетиме Пецаков дека е избран од народот – кажа Крлеска Деспотоска.

Крлеска Деспотоска потсети на дел од проектите што ги ветуваше Пецаков во неговата изборна програма: Две катни гаражи, партерно уредување на плоштадите Крушевска Република и Св. Климент Охридски, адреналински парк, градски систем за велосипеди, велосипедската патека Охрид-Св. Стефан. Потсети на ветувањето дека градежните активности на Булевар „Македонски Просветители“ ќе завршат на 1-ви јуни. Додаде дека неизвесна е реконструкцијата на улица „Гоце Делчев“ за чија реализација има готов проект со обезбедени средства од Владата.

Ако Градоначалникот не може да реализира готови проекти, можеме ли да очекуваме да реализира сопствен проект. И тоа што беше направено Пецаков дозволи да се уништи.  Граѓаните беа сведоци на пропаѓањето и уништувањето на една од најубавите улици во Охрид, улицата „АСНОМ”. Наместо ослободување на „Кеј Македонија“ од сите неадекватни содржини, граѓаните ова лето беа сведоци на контролиран хаос и панаѓур со сите нишани во строгиот центар на градот. Вети развивање на зелена агенда со зголемување на зелените појаси во општината. Даде збор дека за секое исечено дрво ќе бидат засадени 5 нови дрва во рок од 5 дена. Поминаа 365 дена – кажа Крлеска Деспотоска.

Мнозинството во Советот на предлог на Градоначалникот носеше одлуки со кои во Буџетот ги скрати безмалку сите средства предвидени за капитални инвестиции, посочи Крлеска Деспотоска. Праша колку е долгот на Општина Охрид и што се случи со борбата со дивоградбите.

Ветуваше борба против дивоградбите и почитување на препораките за зачувување на статусот на УНЕСКО. Дали повеќе нема дивоградби или можеби нема правосилни и извршни решенија за отстранување на бесправно изградени објекти, или можеби УНЕСКО повеќе не претставува приоритет за Градоначалникот – додава Крлеска Деспотоска.

Локалната власт во најголем дел од првата година од мандатот времето го потроши во обвинувања на адреса на претходната локална власт и кон Владата криејќи ја својата неспособност, кажа претседателката на охридските социјалдемократи. Ѝ порача да почнат да го реализираат ветеното.