Нашите пожарникари и светските практики
Опасните интервенции на пожарникарите бараат нивна добра кондициска подготовка. Територијалната противпожарна единица не само што има активности во гасење на пожари на отворен и затворен простор, интервенира и во тешки сообраќајни несреќи кои ги има се почесто на нашите патишта, информира Борко Јанкулоски, командир на охридската ТППЕ. Физичко-психичката спремност е многу важна во брзото и успешно интервенирање кое се трудиме да го постигнеме со практикување на физичко-кондициски вежби покрај дневните активности. На противпожарната единица и е потребен млад кадар, вели Јанкулоски.
Апелирам во иднина да се примаат во службата млади пожарникари. Мора да заличиме на светска пожарна единица. Да се заборави некое поранешно време. Треба да има подготвени психофизички, здрави млади луѓе кои ќе прераснат во квалитетни пожарникари – истакна Јанкулоски.
Пожарникарите добија и засилување со доброволци пожарникари. Пред 4 месеци регионот го доби и доброволното пожарникарско друштво Ентузијаст. Дваесетина млади луѓе го формираа волонтерски ова друшвото и се од голема поддршка во интервенциите на охридската ТППЕ, кажува Јанкулоски. Станува збор за добро подготвен млад кадар на возраст од 28 до 29 години во кои се гледа добар потенцијал за пожарникарски кадар, вели Јанкулоски.
Тие учествуваа во гасење на големиот пожар кој избувна летоска, а ги зафати површините на селата Сирула, Вапила и Расино како припомош на територијалната противпожарна единица. Нека се пратат светските практики и нека се пример, следните вработувања во пожарна Охрид нека ги преземат доброволците од друштвото – додава командирот на охридската ТППЕ.
Ентузијаст, противпожарното доброволно друштво има канцеларија и магацин со опрема во соседна Дебрца. Волонтерите пожарникари работат на проект за набавка на специјално теренско возило за брзи интервенции на теритоијата на оваа општина која ја покрива ТППЕ од Охрид.