Општина Охрид : Охриѓани се мудри, гледаат дека не постои место каде не се работи
Од Општина Охрид со реакција на изнесенето на вчерашната прес конференција на претседателката на ОО на СДСМ. Од Локалната во реакцијата се задржуваат на менаџирањето со јавните претпријатија и училиштата кои ги затекнале во тешка финансиска состојба.
Новото раководство на Општина Охрид, не само што не се откажа туку напротив започна со силно темпо за санација на тешката состојба во општината, претпријатијата и училиштата. Иако без никаква поддршка од централната власт, успеа да исплаќа стари долгови, а притоа да не генерира нови. За прв пат имаме училишта кои новата учебна година ја започнуваат со НУЛА денари долг и обезбедени сите услови за непречено одвивање на наставата. Јавните претпријатија и покрај огромните долгови и енормното зголемување на сметките за струја кои благодарение на Владата ги добиваат успеваат редовно да ги извршуваат своите задолженија кон граѓаните и притоа да реализираат нови проекти за добробит на охриѓани – велат од Локалната.
Додаваат дека членови од сегашното раководство на СДСМ додека директоруваа со јавните претпријатија од Охрид, енормно и незаконски си ги зголемувале платите, нередовно ги сервисирале обврските и од новоформирано претпријатие со НУЛА денари долг во само една година успеале да го задолжат за 60 милиони денари.
Понатаму во реакцијата од локалната набројуваат што е сработено во изминатите 365 дена од мандатот. Изведена е водоводна линија од вкупно 1520 метри, фекални и атмосферски линии од вкупно 3295 метри, асфалтирани се улици со вкупна површина од 14 138м2, поплочени се улици во вкупна површина од 1 550м2 и партерно се уредени делови со вкупна површина од 5 600м2. Изградени се два резервоари за вода кои беа неопходни за граѓаните. Во завршна фаза се две повеќенаменски спортски игралишта, стои во реакцијата.
Во однос на ветените проекти велат дека за поголем дел од нив документацијата била во завршна фаза. Биле остварени средби со меѓународни претставници кои веќе вродувале со плод. Посочуваат дека Локалната самоуправа сега била отворена за сите граѓани, а не како во минатото само за блиските до власта.
Во реакцијата нема одговор на прашањата од СДСМ зошто доцни реконструкцијата на Бул. „Македонски просветители“, за засадување нови дрва на местото на исечените, за оштетувањето на АСНОМ, за тоа колку е долгот на Општина Охрид и што се случи со борбата со дивоградбите.