Skip to main content

Општина охрид

Опаѓа бројот на бездомни кучиња

Во општина Охрид се намалува бројот на пријави за каснување од кучиња. Годинава е исплатена отштета за пет случаи за напад на граѓани од кучиња скитници, информираат од општина Охрид.
 |  Валентина Неловска  | 
Куче скитник

На охридските улици се намалува бројот на напуштени домашни миленици. Опаѓа и бројот на тужби кон општина Охрид од граѓани за напад од кучиња скитници, информира Томе Џамтоски, портпарол на општината. Сепак, повремено се случуваат напади врз граѓани од кучиња скитници, a последниот напад се случи пред две недели.

Актуелните бројки покажуваат дека кучињата скитници во градот драстично се намалени. За жал, постои појава по завршување на туристичката сезона од другите градови да ги оставаат животните на територијата на општините Охрид и Дебрца и тоа го зголемува бројот на бездомните кучиња – вели Џамтоски.

kuce

Општината, од пред две години почна да се справува со овој горлив проблем со избор на фирмата „Зебра“ од Демир Хисар за заловување и хуман третман на бездомните кучиња. Од минатата година до денес се заловени 110 бездомни кучиња кои добиле соодветен третман во станционарот на „Зебра“. Годинава биле заловени 50, а минатата 60 бездомни животни. Портпаролот на општина Охрид, информира и за исходот од покренатите судски постапки на граѓаните од нападите на бездомните кучиња против општината.

Од поднесените барања за надомест на штета од граѓаните поведени се 14 судски спорови во 2021 година. Судските постапки се завршени и на граѓаните им е исплатена отштета во висина од над 195.000 денари за 2021 година, а за оваа година има 5 заведени судски спорови против општина Охрид – додава Џамтоски.

Во овие пет судски спорови, општината на граѓаните морала да им исплати отштета во висина од над 155.000 денари. За последниот случај за напад од куче скитник засега нема пријава за поведување на судска постапка.