Skip to main content

Охридско струшки регион

Расте интересот за поставување фотоволтаици

Интересот за поставување фотоволтаици е се поголем кај хотелиерите од Охрид и Струга, некои веќе поставија, други размислуваат за алтернативни решенија. Преку нив се надеваат дека ќе се надмине енергетската криза, ќе заштедат струја и ќе ги намалат давачките. Од секторот велат се задоцни со фотоволтаиците и потребно е поедноставување на процедурите.
 |  инфодеск  | 
Фотоволтаици

Расте интересот за поставување на фотоволтаици. Поголемиот дел од хотелите на брегот на Охридското езеро или веќе поставија или планираат да се грејат од обновливи извори на енергија и на тој начин да го преполоват високите сметки за струја. Од Агенцијата за туризам велат темата за фотоволтаиците е отворена од многу поодамна и се задоцни со реализација. За користење на енергија од ваков тип на извор не требаше да чекаме енергетска криза.

Тоа што ние зборувавме дека повеќе зелени хотели нема да му недостигаат на Охрид и Струга. Соларните панели веќе се местат, но тие можеа да се наместат и малку порано. Ако веќе се закупени хотелите разликата треба да ја поделиме и сите заедно да имаме одговорност – вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Љупчо Јаневски

Според првиот човек на Агенцијата за туризам и натаму треба да се поедностават процедурите за издавање дозволи за фотоволтаиците, но и да им се помогне на оние кои со години и во најголема криза држеле вработени и уредно плаќале данок.

Треба да се помогне во туристичката индустрија, но повторно потенцирам на тие што работеле како што треба. Всушност на тие кои што прометно влеале поголем данок и на тие треба да им се помогне. Не дека ние се откажуваме од тие кои на некаков начин кубурат и се уште не се вратиле од шокот да кажеме од 2020 од пандемијата, но таа не може да ни биде изговор да ги надминеме недостатоците – додава Јаневски.

Освен кај стопанствениците интересот за фотоволтаиците е зголемен и кај граѓаните. Според некои пресметки поставувањето на фотоволтаици едно семејство за 6 киловати како што е предвидено со законските измени, би го чинело околу 4.000 евра. Инвестицијата би се вратила за три години, а најдолго за пет години.

Екпертите велат дека со обновливите извори на енергија државата доцни, дваесеттина години зад  европските земји. Згора на тоа, административните процедури и обемната документација го опструира целиот процес.

Новинар : Соња Рилковска