Се намалува водостојот на Охридското езеро
Водостојот на Охридското Езеро се наближува до минимално дозволената кота. Еколозите со години алармираат за штетите од осцилациите на најголемото природно езеро во Европа, но басенот и натаму се користи како хидроакумулација.
Познавачите велат драстичните намалувања на водостојот се резултат на лошо управување со езерото и час поскоро треба да се ревидира договорот со Албанија.
Котите се определени во 60-тите години од последниот век и тие треба да се ревидираат односно да се ревидира и договорот со Албанија за испуштање на одредена количина на вода за нејзините енергетски потреби и за нашите енергетски потреби бидејќи езерото се користи за жал како хидроакумулација – вели Ѓоко Зороски, екологист.
Според еколозите од постојаните осцилациии, драстичното намалување или покачување на водостојот непроценливи се штетите врз биодиверзитетот на езерото, особено во крајбрежниот појас.
Во литоралот живеат голем број на ендемични организми на кои што им се заканува исчезнување доколку продолжат ваквите намалувања и зголемувања на нивото на езерото – додава Зороски.
Од Министерството за животна средина велат иако е енергетска криза и државата ги користи сите ресурси за да се дојде до струја, овие политики треба да се променат и исклучиво да се црпи енергија од обновливи извори како што се сонцето и ветерот.
Од Хидробиолошки завод во Охрид сметаат дека управувањето со испустот на вода од Охридското Езеро за потребите на ЕСМ треба да биде регулирано од засебно експертско тело.
Новинар : Соња Рилковска