Пецаков поднесе отчет за сработеното
Градоначалникот Кирил Пецаков на прес-конференција презентира детали од сработеното во првата година од неговиот мандат. Во обраќањето напомена дека во изминатите 12 месеци работеле на раздолжување на општината и затекнатиот долг од над 856 милиони денари, а кој успеале да го намалат за 202 милиони денари. Во образованието ја стабилизирале финансиската состојба со сервисирање на сите заостанати обврски. Исто така, работеле на подобрување на финансиската состојба во сите јавни претпријатијата затекнати во лоша состојба. Пецаков наброја инфраструктурни проекти кои ги реализирале, за подобро живеење на граѓаните.
За 365 дена изградивме водоводна линија со вкупна должина од 1520 метри, поставена фекална и атмосферска каналаизација во вкупна должина од 3295 метри, асфалтирани улици со вкупна површина од 14.138 м2, изградени два резервоари за вода, санирани и изградени голем број потпорни ѕидови, инвестирано е во спортска инфраструктура и урбана опрема – кажа Пецаков.
Градоначалникот е оптимист дека Охрид ќе добие позитивен извештај од Реактивната мисија на Унеско во февруари идната година. Пецков напомена дека има проекти кои се во тек, кои се започнати или се при сам крај, со кои, Охрид треба да го зачува статусот Светско природно и културно наследство, а кој што општината треба да ги реализира по добиените препораки по завршување на посетата на двете реактивни мисии на УНЕСКО во 2017 и 2020 година. Градоначалникот напомена дека има одлична соработка со централната власт во заедничкото спроведување на дадените препораки и забелешки од Реактивната мисија на Унеско.
Нашиот дел се тековни работи за Студенчишкото Блато и законот, Планот за управување со Охридското крајбрежје, Планот за управување со Охрид е донесен, проектите за изградба на фекална канализација и пречистителна станица во Трпејца се готови и чекаат да се реализираат. Депонијата Буково е регионален проблем на Министерството за животна средина и просторно планирање, за кој треба да се земе грант за да се формира Јавното претпријатие, а во моментов е закочен заради локациски проблем во општина Новаци – истакна Пецаков.
За наредната година пак, напомена дека се подготвени основни проекти и технички документации за 20-тина инфраструктурни проекти кои ќе бидат реализирани.