Лакмус натпревар за европски сништа
Дали овој состав на Охрид може да сонува настап во европските купови ќе покаже натпреварот во недела против директниот конкурент Алкалоид. Четата на Кирил Лазаров во првиот натпревар победи со 2 гола разлика, но Охриѓани тогаш настапија без Ончев и Шешиќ. Иако Алкалоид е млада екипа во составот имаат голем број репрезентативци на Македонија кои негуваат брз ракомет. На натпреварите шанса добиваат минимум 14 играчи кои го даваат својот максимум во определената минутажа. Домаќините најчесто имаат ротација од 8 ракометари.
„Лазаров одлично работи со таа екипа како што гледате од резултатите. Тие имаат врвна транзиција, според мое мислење.Ние го надигравме Бутел во секој сегмент, иако игравме со 8 играчи, бидејќи кога работите функционираат, тренерот не сака да менува. Кај нас 8 играчи да направат една грешка тоа се 8 грешки, а 14 играчи прават 14 грешки, ако се гледа тактички.“, кажа Владимир Бојаниќ, пикер на ГРК Охрид.
Бојаниќ е задоволен од тоа како расте екипата, како се повеќе се воиграни и подобро се разбират.На личен план веќе се аклиматизирал и на критериумите на судењето и на начинот на игра во Македонија. Неговиот колега Шешиќ очекува трите бода да останат во Охрид. Добро се подготвуваат за овој натпревар и за можните одбранбени варијанти 3:3 и 4:2 кои им правеа проблеми во минатото. Клучно е да се намалат техничките грешки, истакнува десниот бек.
„Не се опуштаме, доаѓа до мал пад на концентрација во одредени моменти. Промашуваме некои зицери.Сето тоа го решаваме со гледање на натпреварите и со видео анализи го поправаме тоа.“, смета Дејан Шешиќ десен бек на ГРК Охрид.
На играчите им е потребна помош од трибините, па така, секој љубител на градскиот клуб ќе е добредојден во недела од 16 часот во спортската сала Билјанини извори.