Православните верници денеска ги празнуваат Св. Козма и Дамјан, во народот познати и како Свети Врачи.
Празник на големите господови лекари.
За двајцата браќа исцелители Кузман и Дамјан има малку податоци како за нивното раѓање така и за нивната смрт. Според една верзија родени се во провинцијата Асија во Мала Азија. Татко им бил паганин, а мајка им христијанка. Набргу татко им умрел, а мајка им Теодотија ги воспитувала во вистински христијански дух. Останувајќи верни на ветувањето што и го дале на мајка си, а за да бидат што повеќе корисни, двајцата браќа го изучувале лекарскиот занает, ги научиле исцелителните својства на сите билки и се афирмирале како добри лекари. Господ ги благословил и тие секогаш лечеле повикувајќи се на божјата сила. Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно според Господовата заповед: „Болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте”. (Матеј, 10, 8) Поради тоа и двајцата се наречени бесребреници.
Житието раскажува дека еднаш некоја жена по име Паладија, што долго време била болна од некоја неизлечлива болест и што за лекување потрошила големо богатство ги повикала и овие двајца лекари. Тие со божја помош ја излекувале и таа сакала да ги награди. Но бидејќи двајцата браќа биле заколнати да не примаат никакви дарови тоа го одбиле. Сепак помладиот Дамјан, по многу молби и откако го заколнала во Света Тројца, зел три јајца како симбол на светото тројство. Кога за тоа разбрал постариот Кузман многу се налутил и пред селаните побарал кога ќе умрат да не ги погребуваат во ист гроб, туку Дамјан бидејќи погрешил и ја подгазил дадената заклетва да биде погребан во друг гроб. Кузман умрел порано, а кога умрел и помладиот Дајман селаните решиле дека сепак казната што ја одредил Кузман е престрога и дека Дамјан трите јајца не ги зел како надоместок за лекувањето туку како симбол на Светата Троица. Поради тоа но и затоа што заедно лекувале ги погребале во ист гроб. Подоцна над гробот била изградена црква, а од моштите на светите Врачи се случувале многу чуда и многу болни оздравеле.
ЖИТИЕ:
Лекари, бесребрници и чудотворци. Овие двајца Светители беа родени браќа, родум од Рим, уште како деца крстени и воспитани во христијански дух. Имаа голема благодат од Бога да ги лечат луѓето и животните од секоја болест и мака, и тоа со едноставно полагање на рацете врз нив. За својот труд не бараа никаква награда, од болниот бараа единствено да поверува во Господ Исус Христос. Наследија голем имот, но го раздадоа милостиво на бедните и неволните. Во тоа време во Рим царуваше царот Карин. Пред него гонителите н христијанството ги доведоа овие свети браќа оковани во синџири. По долго испрашување царот им нареди да се одречат од Христа, а да им принесат жртви на идолите. Но Козма и Дамјан не само што не го послушаа царот туку уште и му посоветуваа и самиот да отстапи од мртвите идоли и да Го признае единствениот вистински Бог. „Нашиот Бог не е создаден, туку е Создател на с ? , а вашите богови се човечки измислици и дела од рацете на уметниците. И да ги немаше уметниците да ви ги направат тие богови, вие не би имале пред што да се поклонувате.“ После чудото извршено над самиот цар – бидејќи чудесно го исцелија од една тешка мака – царот и самиот ја изјави својата вера во Христа и ги пушти браќата во мир. А тие продолжија да Го слават Господа и да исцелуваат болни, а и самите беа од народот прославувани на сите страни. Им позавиде на славата еден лекар, којшто некогаш им беше учител и под изговор заедно да појдат да берат лековити билки ги однесе в планина, па ги уби со камења. Чесно пострадаа за верата Христова во 284 година. Нивниот спомен остана траен во Црквата на земјата, а душите им се преселија во Царството Божјо, за да живеат вечно во слава и радост.
Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки и тн. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот. Култот кон овие светци бил изразен во повеќе места на Македонија. На пр. има села што носат името на светите врачи, (Светораче, Кичевско) во селото Едуарци, во минатото се одржувал голем собир, а градот Сандански во пиринскиот дел на Македонија порано го носел името Свети Врачи.