До крајот на годинава ќе бидат вратени украдените икони запленети во Тирана
После девет години конечно украдените икони од струшко, пронајдени во Албанија се враќаат во земјава.
20-тина вредни икони однесени од црквите во селата Радожда, Буринец и Селце, албанската полиција во 2013-та година ги заплени во Тирана. Станува збор за непроценливо културно историско богатство, кое земјава со години се обидува да го врати дома. Иконите се чуваат во два музеи во Тирана, но до крајот на годинава се очекува да бидат вратени таму каде што припаѓаат.
Процесот веќе финишира, тој е во една финална фаза. Иконите кои што ние 2013 година, скоро пред десет години ги најдовме во Албанија ги идентификувавмe. Процесот на реституција веќе е правно регулиран и затворен. Јас се надевам дека до крајот на годинава, 21 икона веројатно ќе ги вратиме во Македонија – вели Сашо Цветкоски од Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ.
Државата започна втора постапка за враќање на 40 украдени икони од земјава, кои, албанската полиција, во април годинава, повторно ги заплени во Тирана.
Многу сложен и деликатен, комплексен систем на откривање, детектирање, пронаоѓање, идентификација и дури потоа подготвување и правно регулирање. Со враќањето на првите 20 икони, ние, прв пат го остваруваме тој процес на реституција во оваа современа историја на Македонија – додава Цветкоски.
Ниту светите крстови, ниту непристапните предели, не ги спречија крадците да украдат над 1.000 икони и црковни артефакти од струшко и дебарско. Пронајдени се само 60-тина, останатите се претпоставува дека завршија на црните пазари во Европа.
Новинар : Соња Рилковска