Wowsa официјално ги верификува 10-те препливувања на Марко Пејчиновски
Светската асоцијација за пливање на отворени води (Wowsa) официјално ги верификува сите 10 препливувања што Марко Пејчиновски, летово, ги направи во водите на Охридското езеро. Марко, во своите 10 херојски подвизи, на различни растојанија, исплива вкупна должина од 250 километри. Последната, најдолга и најтешка делница беше Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид во должина од 64 километри, која Марко ја преплива безмалку за едно деноноќие.
Планот беше да се препливаат 250 километри во 10 пливања во текот на ова лето, при што последното пливање да биде најголемото 64 километри, а другите 9 пливања да бидат сите уникатни правци што никој досега не ги препливал во Охридското Езеро. И, јас го направив тоа… – кажа Марко.
За мене, пливањето е повеќе од спорт, нешто што ме крена на нозе, нешто што ме спаси од депресија, ме натера да се соочам со моите мисли наместо да бегам од нив; пливањето ме натера да пораснам, ме натера да го гледам светот поинаку,ми даде можност да запознаам многу луѓе, ме научи на дисциплина, ми покажа колку треба да се жртвуваш за да успееш, ме научи многу животни лекции кои не би ги научил никаде на друго место или толку рано. За мене, пливањето значи еден од најголемите благослови во мојот живот – кажа Марко во интервјуто за Светската асоцијација за пливање на отворени води.