Skip to main content

Проекција на Кајмак во Охрид и Струга

Филмот Кајмак утре во Охрид и Струга со премиерни кино проекции. Најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски е љубовна приказна, но истовремено и безмилосна критика на малограѓанското лицемерие, со акцент на индивидуалната слобода.
 |  инфодеск  | 
Промоција на Кајмак

Среќна трагедија или црна комедија. Кајмак е филм за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Ова е кратко сиже за најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски.

„Кајмак“ во октомври имаше светска премиера на 35-от Интернационален филмски фестивал во Токио, а потоа отпатува во Тајван на Филмскиот фестивaл „Златен коњ“ во Тајпеј.

Филмот денес ќе ја има македонската премиера во Филхармонија во Скопје, а веќе утре ќе се прикажува во киносалите ширум државава, меѓу кои и во Охрид и Струга.

Во филмот учествува и нашата сограѓанка Сара Климоска. Филмот го прикажуваме утре четврток во 20.00 часот, во големата кино сала. Воедно, ја поканувам публиката да дојде да го погледне, да напомнам дека салата ќе биде затоплена и ќе може слободно да уживаат во филмот Кајмак на Милчо Манчевски. Заинтересираноста е голема, само што објавивме на веб страницата, луѓето започнаа со резервации.“, вели Горан Симоноски-Директор на НУЦК Григор Прличев.

На прес конференција за македонската премиера, Манчевски кажа дека филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

Секое добро уметничко дело ја кани публиката да го гледа светот барем, на кратко, со други, поинакви очи. Така и ‘Кајмак’. Ја кани публиката не само да го види светот со поинакви очи, туку да не суди. Наместо да суди, да сочувствува со ликовите, иако сите тие, во исто време, се и жртви и душмани.“, кажа, Милчо Манчевски- режисер и сценарист на филмот.

Главните улоги во филмот покрај охриѓанката Сара Климоска ги толкуваат, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Северна Македонија и државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од европскиот фонд „Еуроимаж.“