Нови цени за комуналните услуги во Струга
Граѓаните сеуште не се информирани какви сметки ќе добиваат од следниот месец.
Граѓаните сеуште не се информирани какви сметки ќе добиваат од следниот месец.
Нови цени во струшкото Комунално претпријатие. Предлог одлуката за покачување на цените за комуналните услуги во овој град, советниците ја прифатија едногласно. Граѓаните сеуште не се информирани какви сметки ќе добиваат од следниот месец.
„Јас би рекол дека повеќе оваа одлука е за израмнување од колку за покачување на цените за комуналните услуги, вели директорот Петко Кутаноски. Веќе започнавме да ги информираме граѓаните за овие измени. Заедно со месечната сметка им доставуваме и флаер за сите дополнителни промени направени од кога јас раководам со претпријатието, истакна Кутаноски.
Со актуелните цени, само ќе се потрудиме да направиме порамнување на цените за поправилна наплата, додава првиот човек на претпријатието. Како што потенцира тој, досега во градот имало многу случаи на неправилно наплаќање. На пример, еден човек што живее во куќа со поголема квадратура плаќа поголеми сметки за комунални услуги од неколкучлено семејство кое живее во стан со помала квадратура, а излага неколку пати повеќе смет.
„Навистина имавме случаи каде семејства плаќаа по смешна сума од 80 денари за комуналните услуги, тоа за нас е воопшто неисплатливо. Цената од 200 денари, е прифатлива. Кога граѓаните може да плаќаат по 200 денари за такса за телефон или електрична енергија, можат и за сметка за подигнување на сметот“-истакна Кутаноски.
Намалување на цените има за станарите од куќите со површина над 100 метри квадратни. Ако објектот е ненаселен, тогаш да се плати некоја минимална сума а не како досега за сите да биде цената иста, потенцира Кутаноски.
Тој најавува дека следно е воведување поголем ред околу хигиената на градот. Ќе се инфромираат граѓаните кога да го излагаат сметот затоа што точно ќе се знае во кој дел од денот ќе се собира истиот.