Нелојална конкуренција на охридските водичи
Додека во некои поголеми туристички места има недоволно, а во некои како Дојран нема ниту еден, Охрид се соочува со хиперпродукција на туристички водичи. Љупчо Јузмески, професионален туристички водич со над 3 децениско искуство смета дека проблемот произлегува од нелојалната конкуренција од луѓе, на кои, водење групи им е дополнителен извор на средства.
„Не недостигаат, туку напротив имаме хиперпродукција на туристички водичи, од причини што секој во слободно време би сакал да биде туристички водич и мисли дека е лесно да се биде туристички водич. Тоа е една комплексна работа, не е само да им раскажуваш на туристите, туку треба да водиш едно шоу цело време. Не секој келнер, таксист, шофер, полицаец, рецепционер, во слободно време да бидат водичи, а ние не можеме во слободно време да бидеме пожарникари, доктори, полицајци и рецепционери, келнери.“, вели Љупчо Јузмески – Туристички водич.
Според Јузмески главен проблем на туристичките водичи е што не се влезени во номенклатурата на дејности на Македонија.
„Не има во занаетчиска комора како дејност, ама во Министерство за економија не нема. Не можеме да сме лиценцирани и секоја година да се надоградуваме. Барањето од Здружение на туристички водичи е поднесено и треба да помине на собрание да можеме како дејност туристички водич да отвориме фирма.“, посочи Љупчо Јузмески.
Во поглед на неизвесностите во претстојниот зимски период и најавите за затворање на дел од хотелите, Јузмески вели дека тоа ќе има верижна реакција и влијание на сите чинители во туристичката индустрија. Но, додава дека, освен за Новогодишните празници, зимскиот период и без актуелната енергетска криза е тежок за туризмот за охридскиот регион и потребно е да се работи на понудата во тој период.
„Ако не сме активни, ако не дадеме некоја поинаква понуда од класичното што го знаеме, како семинари и разглед на Охрид, ќе биде тешко. Но, ако излеземе на пазарот со нови работи, тогаш можеме да очекуваме резултати. Зависи од нас. Ние туристичките водичи ако не извадиме пара на лето, не можиме да живееме на зима.“, смета Јузмески
Тој најави дека наскоро ќе започне да работи Туристичкиот центар на пристаништето и тука преку Здружението ќе им се овозможи на новите водичи да се усовршуваат во професијата водејќи групи заедно со постарите колеги.