Следуваат пониски цени за прехранбените производи
Министерот за економија, Крешник Бектеши, очекува во почетокот на декември да има намалување на цената на основните прехранбени производи. Бектеши ова го најави по денешната средба со претставниците на производителите и на најголемите ланци маркети. Како што изјави Бектеши, една година, товарот го пренесле на трговците на мало и големо, за да се заштити производството, а со тоа да се креираат нови работни места и да станат поконкурентни на домашниот и странскиот пазар, но сега ќе одат во насока да ги заштитат граѓаните.
„Очекувам од пет до 12 – 13 отсто пониски цени. Ако нема толкаво намалување од толку проценти ќе ги донесеме новите мерки што произлегуваат од Законот за трговија“, рече министерот Бектеши.
Она што им беше најголем товар на компаниите го средивме. Затоа, во континуитет одржуваме состаноци со производителите на основните прехранбени производи. Тие може да ги достават нивните предлози и тоа, по мое барање, треба да се случи наредната недела, истакна Бектеши.
„ Да, може да се случи да има зголемување на цената на суровини кои се увезени, но секако дека има одредени механизми и за таму да може да се стабилизира и ако тоа е проблемот за да има дополнитело намалување на цените, ние сме подготвени и тоа да го направиме, но прво сакаме да видиме дека има волја дека кризата не треба да биде на товар на граѓаните, односно потрошувачите, сите да ја распределиме“, истакна министерот.
Граѓаните може да пријавуваат во Државниот пазарен инспекторат доколку забележат дека некаде нема намалување на цените на основните прехранбени производи, посочи министерот за екомномија на средбата со производителите.