Skip to main content

Конференција

Подобрување на пристапот до лекови за сите

Предвидено е да се одржат и четири панели во кои ќе учествуваат домашни и меѓународни стручњаци од различни области на здравствената заштита и менаџирање на здравствените системи.
 |  инфодеск  | 
Конференција за лекови

Денеска во Скопје ќе се одржи конференција за здравство насловена „Подобрување на пристапот до лекови за сите”, во организација на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам), по инцијатива на Комитетот за здравствена заштита при АмЧам.

Целта на конференцијата е да се поттикне процесот на утврдување и донесување на позитивна листа на лекови која ќе биде во линија со европските стандарди на здравствена заштита и да се иницираат конкретни, остварливи решенија заради надминување на итните прашања во областа на здравството, со што би се подобрил севкупниот здравствен систем во Република Северна Македонија.

На настанот, меѓу другите говорници, ќе се обратат и д-р Рифат Атун, професор по глобални здравствени системи, факултетски претседавач при Програмата за лидерство на министри на Харвард и директор на Лабораторијата за иновации во здравствените системи на Универзитетот Харвард; д-р Золтан Кало, професор по економија во здравство при Центарот за проценка на здравствени технологии на Универзитетот Семелвајс во Будимпешта и Институтот за истражувања Сиреон од Будимпешта; д-р Славејко Џамбазов, меѓународен експерт и консултант за здравствени политики и технологија, основач и директор на HTA Ltd., како и д-р Тихомир Стризреп, доктор по медицина и поранешен директор на Националниот фонд за здравствено осигурување на Република Хрватска.

Предвидено е да се одржат и четири панели во кои ќе учествуваат домашни и меѓународни стручњаци од различни области на здравствената заштита и менаџирање на здравствените системи, кои ќе ги обработат следните теми: „Одржливо финансирање во здравството како предуслов за подобар пристап до лекови”, “Како да се отклучи процесот со позитивната листа на лекови?”, “Здравствена заштита заснована на вредност и потреба од реални податоци”, како и “Хармонизацијата со ЕУ во областите на лекови и јавните набавки”.

Настанот ќе може да се следи бесплатно онлајн, на следниот ЛИНК (https://amcham.mk/live-streaming-healthcare-conference-improving-access-to-medicine-for-all-2022/ ), а на официјалниот веб сајт на АмЧам Северна Македонија може да се погледне и деталната агенда.