Обезбедени средства за подобра комунална инфраструктура
Водоводната мрежа има потреба од модернизација во делови од Охрид и околните населени места. Постојат линии за водоснабдување кои се застарени и потребна им е рехабилитација, а постои и азбестен цевковод од која граѓаните се снабдуваат со вода за пиење. Исто така, е потребна изградба и на поголема мрежа од атмосферско одведување на дождовните води бидејќи градот има засега околу 44 км изградена атмосферска канализација. За подобрување на овие инфраструктурни потреби на граѓаните од Охрид, но и во останатите општини во земјава на располагање ќе имаат 50 милиони евра, средствата наменети за рехабилитација, модернизација и проширување на инфраструктурата за водоснабдување, за собирање и третман на отпадни води, системи за атмосферска канализација и итни мерки за заштита од поплави, како и набавка на специјализирана опрема за одржување, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Договор е склучен меѓу Министерството за финансии и Европската инвестициона банка. Овој договор е потврда за континуираната поддршка на Европската инвестициона банка (ЕИБ) на Mакедонија. Средствата се директна финансиска поддршка на Владата која ќе ги дистрибуира како донација за реализација на проекти од комуналната инфраструктура на Локалните самоуправи за рамномерен регионален развој. Се очекува преку инвестиции во комуналната инфраструктура да се стимулира развојот на општините во земјата.
„На потег се општините кои треба брзо да ги изработат проектните документации за имплементација од којшто ќе зависат повлекувањата на достапните инвестиции и обезбедување на чиста вода за пиење за сите жители“, посочи министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Условите под кои заемот ќе и биде доделен на Македонија е со рок за отплата до 25 години, со вклучен грејс период до пет години. Од 1991 година досега ЕИБ ја има поддржано нашата економија со над една милијарда евра инвестиции во клучни инфраструктурни проекти како и за поддршка на мали и средни компании, а во моментов нејзината поддршка во проекти во јавниот сектор е околу 200 милиони евра.