Skip to main content

Екологија

Езерската трска нема посебен заштитен статус

Ова значајно растение за биодиверзитетот нема законска заштита од уништување повеќе од пет децении. Со проектот Мапирање и управување со трската на Охридското езеро се придвижуваат работите за заштита на трската на охридското крајбрежје.
 |  Валентина Неловска  | 

Да запре уништувањето на трската на Охридското крајбрежје се упатува порака од работилницата организирана од Регионален Зелен центар Охрид. Тие покренуваат инцијатива трската да добие законски статус на посебен заштитен вид во Охридското езеро преку проектот „Мапирање и управување со трската на Охридското езеро“. Претставници од различни институции на државно и локално ниво, инспекторати, експерти од Хидробиолошкиот институт, жители од урбани и месни заедници кои гравитираат покрај крајбрежјето предлагаа решенија како да се заштити ова значајно растение за живиот свет на езерото, а за кое нема законска заштита од уништување повеќе од пет децении. Се обидувавме да ја заштитиме трската во многу наврати, но за жал без резултати, а ќе продолжиме со напорите и понатака, информира Проф . д-р Марина Талевска, од Хидробиолошкито институт, која повеќе од 35 години го проучува појасот на трската на Охридското езеро.

„Трската како растителен вид не е заштитен во ниеден закон со кој се заштитува биодиверзитетот во Република Македонија.Трската е заштитена , но како општ дел од заштитениот биодиверзитет на растенијата и животните во крајбрежната зона “, напоменува проф д-р Марина Талевска од Хидробилошкиот институт.

Во рамките на проектот „Мапирање и управување со трската на Охридското езеро“ се направени истражувања на појасот на трската на седум локации на езерскиот брег. Целта е да придвижиме иницијативи за решавање на проблемите со кои се загрозува трската, вели Борис Матески, претседател на Регионален зелен центар Охрид. Заклучоците и предлозите од работилниците ќе бидат проследени до надлежните министерства и Локалната самоуправа, кажува Матески.

„ Сакаме тие предлози да ги формулираме заедно со сите релевантни фактори. Ќе се обидеме да го измениме законот или да го подобриме Законот за заштита на Охридското езеро“, вели Матески .

Споредени резултатите од последното истражувања во 2022 година со истражувањата од пред 10 години покажуваат дека појасот на трската се зголемил за 15 хектари. Во пет од седум локации е констирано зголемување на појасот на трската, на едно нема промени, додека на потегот Љубаништа – Св Наум испитувањата покажале дека појасот на трката се намалил за околу 1 хектар, напоменува проф д-р Марина Талевска. Инаку, проектот „Мапирање и управување со трската на Охридското езеро“ е финансиран од ЕУ од фондот за Локална демократија спроведен од ЕУ и општина Охрид.