Грант од 10 илјади евра за бизнис план во земјоделството
Во 2023 година, земјоделците со своите бизнис планови, ќе може да аплицираат за грант од 10.000 евра, најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски на прес конеференцијата која е во тек, а за презентација на Буџетот за наредната година.
За бизнис план во земјоделството е предвиден грант до 600.000 денари. Јавниот повик ќе трае цела година. Земјоделците не мора да брзаат и кога ќе бидат подготвени може да се јават на повикот – рече Николовски.
Тој уште еднаш потсети дека од наредната година има нов модел на субвенционирање во земјоделството и дека ќе има авансна исплата за што се обезбедени 7 милијарди денари во Буџетот за 2023 година.
Николовски рече дека 2023 година ќе биде рекордна година во однос на мерките, но дека е зголемена и површината што се искористува за земјоделско производство.
Храна ќе има доволно – дециден е министерот за земјоделството.
Тој рече дека особен фокус ќе има на сточарството и субвенциите за високомлечни крави ќе бидат зголемени за 30 проценти, а за овците 100 проценти.