Во рамки на Неделата за борба против ХИВ/СИДА (1-7.12.2022 година) која се одбележува под мотото „Знаењето е најдобра превенција од ХИВ инфекција” Црвен крст Охрид спроведе неколку активности.
Во текот на оваа недела предавачот за ХИВ/СИДА д-р Јованка Стурлакова Коровешоска реализираше интерактивно едукативно предавање за волонтерите од Клуб на млади во просториите на Црвен крст Охрид.
Во основните и средните училишта беа дистрибуирани типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните знаења за вирусот на ХИВ, начин на пренесување и заштита.
Исто така во изминатиот период се одржа и едукативно предавање за сексуално преносливи инфекции со ученици од ООУ “Кочо Рацин”- Охрид со д-р Јованка С.Коровешоска. Целта на оваа работилница е да се зголемат знаењата на младите на тема СПИ и сето она што таа го опфаќа, да се поттикнат децата да зборуваат меѓу себе и меѓу нив и своите родители на вакви, се уште “табу” теми во нашето општество, односно целта е да се поткрене свеста општеството за да не ја занемарува оваа тема затоа што сексуално преносливите инфекции се многу позачестени во последно време – информираат од Црвен крст Охрид.
Активностите кои секоја година се организираат по повод Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА и Неделата на борба против ХИВ/СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот.