Хотелскиот сектор не доби помош од државата
Нема помош од државата за хотелскиот сектор. Одговорот од владата е дека барањето за финансиска поддршка од ХОТАМ, поради енергетската криза и превисоките сметки за електрична енергија, кои е невозможно да се сервисираат, се разгледува.
Речиси половина од хотелите на охридско-струшкото крајбрежје ставија клуч на врата. Некои нема да отворат ниту за Новогодишните празници. Особено поголемите хотелски капацитети кои не можат да ги продадат собите бидејќи годинава е намален интересот за дочек на Новогодишните празници.
Одговорите ни се секогаш исти дека се разгледува барањето, дека ќе добиеме некаков одговор, но позитивен одговор досега не сме добиле. Се надеваме дека во брзо време барем нешто ќе се реализира затоа што овој сектор веќе трета година е во криза. И оваа година не многу од хотелите ќе покажат позитивни бројки на крајот на годината – вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Поголемиот дел од вработените во хотелскиот сектор се на 70% плата, дел се испуштаат, бидејќи има хотели кои не се во состојба ниту да поделат плата и покрај тоа што затвориле.
Ако нема помош ќе биде тешко, нема да биде едноставно. Ќе има некои испуштања некои вработени ќе се задржат бидејќи тешко е да се најдат нови. Некои ќе ги пуштат да на 70% вработените, но ако немате приходи и тие 70% се многу. Мислам дека се чека до последен момент кога ќе се види дека некој се дави тогаш му се подава рака за да го извадиме да не се удави – додава Блажески.
Хотелите на брегот на Охридското езеро не се конкурентни на колегите од регионот, поради превисоките сметки за струја. Цените им се повисоки во однос на регионот и од таа причина не може да привлечат гости.
Новинар : Соња Рилковска