Skip to main content

Сезонска вакцинација

Имунизацијата оптимална, грипот на минимум

Малиот број на регистрирани случаи со сезонски грип во Охрид и регионот е резултат на зголемениот опфат на вакцинација. Поучени и исплашени од состојбите и последиците од ковид, повозрасните и лицата со коморбидитети есенва активно се вакцинираат. Оние коишто пропуштиле имаат можност повторно да се обратат до Центарот за Јавно Здравје.
 |  инфодеск  | 
Вакцинација

Бројот на регистрирани лица со сезонски грип во Охрид но и во регионот е мал. Клиничката слика на заболените била стабилна при што ниту матичните лекари ниту инфективното одделение досега немаат земено брис од суспектно болни за да се потврди кој тип на вирус циркулира во нашиот регион, вели епидемиологот Јованка Стурлакова Коровешоска од Центарот за Јавно Здравје-Охрид, но истакна дека има појава на регистрирани нови ковид случаи. Околностите со грипот постојано се следат и не се драстично променети уште од 40та календарска недела од кога започнуваат задолжителните пријавувања.

До пред две недели имаше пријавено само четири лица до 47та недела, додека во наредните три недели воопшто нема пријавено ниту еден заболен од грип. Но затоа пак последниве две недели имаме зголемен број на заболени од ковид-19 и тоа 8 за претходните четиринаесет денови.“, кажа Јованка Стурлакова Коровешоска од ЦЈЗ Охрид.

Состојбата со сезонскиот грип во Охрид е под контрола, како резултат на зголемениот опфат со вакцининацијата. Апликацијата на вакцини против сезонски грип започна на средина на Октомври, а луѓето поучени и исплашени од состојбите и последиците од Ковид периодот, особено повозрасните и лицата со коморбидитети активно се вакцинираа. Дополнително лицата кои не успеале или испуштиле можат слободно да го презакажат терминот за бесплатна вакцинација, потенцира Стурлакова Коровешоска.

Аплицирани се 2420 вакцини, за разлика од лани кога се аплицираа вкупно 2000 вакцини. Така зголемениот број на апликации е затоа што луѓето коишто аплицирал за вакцина а не добиле термин или го испуштиле терминот, оваа година им се даде можност да можат повторно да аплицираат или да дојдат во епидемиолишката службата во Центарот за јавно здравје ние им го презакажуваме терминот.“, истакна Стурлакова Коровешоска.

Значително мала е заинтересираноста за комерцијалните вакцини, што пак е последица на слабиот одзив на помладите луѓе и нивната нестекната навика за заштита од сезонски грип. Стурлакова Коровешоска дополнува дека ваквите состојби на мал број активни случаи на сезонски грип и солидната вакцинираност во Охрид се пресликани и на останатите населени места под надлежност на Центарот за јавно здравје Охрид.