Алармантна состојбата на детското одделение во Струга
„Секој ден се поголем број пациенти се помалку доктори, ова веќе не се издржува“, ова се зборовите со кои Д-р Вулнет Бектеши укажува на исклучително лошата состојба на Детското одделение во Општата болница во Струга.
Во објавата на фејсбук д-р Бектеши јавно ги повикува премиерот, министерот за здравство и директорите на општите болници Струга и Охрид да направат нешто конкретно за решавање на проблемот.
Напливот на пациенти на детското одделение во Струга започна откако пред една година поради недостиг на педијатри се затвори детското одделение во охридската болница. На детското одделение во Струга работат пет педијатри од кои еден заминува во пензија, а друг на специјализација, со што бројот на специјалисти се намалува.
Министерот за здравство, Беким Сали при неговата последна посета на Охрид, пред два и пол месеци, најави дека ќе се надмине проблемот со недостиг на педијатри, преку ротации.
Тоа значи дека е побарано од директорите да има договор меѓу двете институции, за неделно да се ротираат лекарите од Струга во Охрид – рече министерот Сали.
Слично ветување граѓаните слушаа и од претходниот министер Венко Филипче, кој најавуваше дека специјалисти педијатри од скопската Клиника ќе работат на детското одделение во Охрид откако ќе се изгласа измената на Законот за здравствена заштита кој ќе им овозможи на специјалистите од сите здравствени установи да може да работат низ целата држава. За жал до денес ништо од ветувањата на здравствените власти.
Од октомври 2021, поради недостиг на педијатри детското одделение во Охрид работи само како амбуланта од 08 до 20ч. Пациентите од Охрид за време на ноќта и викенди се препраќаат во Струга каде педијатрите прегледуваат и по 200 деца.