Дел од Дебар Маало осветлен во чест на Горан Стефановски
Во чест на 70-годишнината од раѓањето на Горан Стефановски вчера беше осветлен и украсен делот околу неговиот споменик во Дебар Маало.
Порака од неговиот последен есеј „Искрата што се измолкнува“, објавен во книгата „Идентитетот е приказна“, на македонски и во превод на сите јазици на Европската Унија е испишана на рачно изработените сувенири кои во празничниот период ќе го красат паркот во кој е спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“.
Ги украсивме елките околу клупата на која седи Горан за да нѐ осветли неговата „искра што се измолкнува“. За да нѐ потсети дека „сѐ се движи. Птиците и јагулите, заедниците и поединците, атомите, молекулите. Постои миграција, во простор и време, ширење и мешање и повторно мешање на култури и форми и идеи. Тоа е суштинско нешто: метаморфоза, трансформација, спогодување и адаптација. Тоа е животот!“ – напишаа на фејсбук од Европската куќа во Скопје, кои и се организатори на настанот.
Преводите се обезбедени во соработка и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
На настанот присуствуваа поголем број почитувачи на Стефановски.