„Беше човек ЕДНАКОВ за сите. Слава ти градоначалник, Остави дела за паметење“, вака денес неговите сопартијци од СДСМ Охрид и пријателите се присетуваат на градоначалникот Јован Стојаноски, кој на 15 декември 2018 година ненадејно почина.
Статус на социјалната мрежа објави и неговата сопруга, Надица Стојаноска.
Четири години, а се уште се надевам дека ќе се вратиш од некое патување. Вечна слава и мирно небо – напиша Стојаноска на својот фејсбук профил.
Стојаноски беше универзитетски професор, почитуван, амбициозен, успешен и угледен граѓанин на Охрид.
Животопис:
Јован Стојански роден во Охрид, на 7 август 1970 година. Во родниот град завршил основно (1985 година) и средно економско училиште (1989 година), а во 1990 година почнал да студира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (на насоката деловна економија), каде дипломирал во 1994 година, на тема: „Сметководство на трошоци во мали и средни претпријатија“. На истиот факултет, во 1995 година се запишал на постдипломските студии по маркетинг, а во 1999 година ја одбранил и својата магистерска работа на тема „Политиката на цени во туризмот“. Во септември 2001 година се запишал на докторските студии на Училиштето за бизнис при Универзитетот во Стафордшир во Англија, во областа на политиката на цени во туризмот. Во март 2003 година, на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, ја одбранил докторската дисертација со наслов „Специфични маркетинг стратегии за влез и настап на меѓународните туристички пазари“. Стојаноски починал на 15 декември 2018 година, како последица на инфаркт,а на 17 декември беше погребан на градските гробишта во Охрид.
Извор/ОхридНет