Skip to main content

Насилство

Условна казна затвор за напаѓачот на екипата на ТВ 24

Милчо Пенов кој физички и вербално ја нападна екипата на ТВ 24 додека снимаа инсерти пред куќата во која беше пријавено престојувалиштето на контроверзниот украински олигарх Онишченко, доби условна казна затвор со заштитен надзор откако претходно ја призна вината.
 |  инфодеск  | 
Кривичен суд Скопје

67-годишниот скопјанец Милчо Пенов е осуден на условна казна затвор за физичкиот напад на новинарска екипа на ТВ 24 што се случи кон средината на минатиот месец во населбата Пржино.

Тој доби условна казна затвор со заштитен надзор доколку во наредните три години не направи ново кривично дело, односно осудениот Пенов ќе треба да оди една година на рехабилитација поради нарушено психичко здравје.

Насилството за кое е осуден скопјанецот се случи на 14 ноември. Тој тогаш првин вербално, а потоа и физички, со тупаници го нападна снимателот на ТВ 24, Љубиша Игнатов додека со неговата новинарска екипа се обидуваше да сними прилог пред куќата која била пријавена како престојувалиште на украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко, околу кој избувна скандал поради македонското државјанство што му беше доделено иако е на „црната листа“ на САД.