Студентскиот дом во Охрид ќе се обнови во фази
Студентскиот дом „Никола Карев“ – Охрид ќе се реконструира следнава година. Речиси шест децении старата зграда во која е сместен охридскиот студентски дом ќе биде структурно зајакната, ќе се подобри енергетската ефикасност како дел од владиниот проект за рехабилитација на државните студенстки домови. Градежните зафати предвидуваат и реновирање на санитарни инсталации, обнова на електрична опрема, безбедносни мерки, стандардни работни соби, со цел да се подобри средината за живеење и учење за студентите. Жарко Куциноски директорот на охридскиот студентски дом, вели дека ова значително ќе ги подобри условите и ќе значи спас од притисокот на енергетската криза.
„Завршени се тие проектни задачи сите, моментално треба да бидат при крај и тендерите, сето тоа си го обавува Министерството за образование и наука. Тука ќе биде опфатен целиот студентски дом, фасадата, покрив, канцеларии, соби, кујна ресторан, рецепција, ќе има и панели, сончеви панели со кои на некој начин ќе произведуваме и струја и таа струја ќе видиме во договор со Евн дали таа струја ќе можеме да ја продаваме или да правиме компензација со нив.“, кажа Жарко Куциноски.
Градежните зафати ќе започнат токму на стартот на новата студентска година. Притоа, за да не се намали капацитетот и студентите да не останат на улица, реконструкцијата ќе се реализира во неколку фази потенцира Куциноски.
„Се договоривме на некој начин тоа да се започне спрат по спрат, во зависност од бројот на студенти, ќе може тогаш да се префрлат на први и втор кат, доколку се реновираат третиот и четврт кат и секако дополнително кровот. Се надеваме дека ќе биде успешно нема да има некакви проблеми. Ако евентуално се јават некои проблеми или поголем број на студенти, тогаш ќе мора да се бара некое друго решение, децата да бидат сместени во средношколскиот интернат или некои други насоки на МОН.“, потенцира Куциноски.
Предвидената рехабилитацијата и модернизација на државните студентски домови е проeкт вреден 20 мил евра од Германската развојна банка. Истиот треба да биде завршен 3 години од започнување на градежните активности.