Skip to main content

Министерство за транспорт и врски

Објавен повик за субвенции на нови авиолинии

Предност ќе имаат авиокомпаниите што ќе понудат поголеми воздухоплови, директни линии до поголеми аеродроми и повеќе летови неделно.
 |  инфодеск  | 
Скопски аеродром

Сите авиокомпании коишто ги исполнуваат условите може да се пријават на јавниот повик за финансиска поддршка на нови авиолинии што денеска го објави Министерството за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека за оваа намена се предвидени 1,1 милион евра, а целта како што вели, е раст на авиосообраќајот во земјава.

Овој јавен повик е различен од претходните и на него може да се изберат повеќе авиокомпании со коишто ќе се склучи договор. Истиот е во согласност со политиките на фер и конкурентни услови, согласно регулативата на Европската Унија. Од исклучителна важност е да привлечеме нови компании и да го подигнеме нивото на превезени патници – рече министерот Бочварски.

Износот на субвенциите ќе биде 7 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и 4, 5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Охридскиот аеродром.

На прашањето дали е можно нускобуџетната компанија Виз Ер да се повлече бидејќи огласот се однесува само на нови дестинации, Бочварски објаснува дека претходниот договор на Ви зер веќе бил суспендиран поради пандемијата.

По отворањето на границите и можноста да се возобноват авиолиниите, тие еве повторно оперираат, притоа во овој момент ние немаме активен повик, тој е завршен. Од средината на 2020 до денеска, ние воопшто не ни исплаќаме субвенции за авиолинии, а овие линии оперираат. Сметам дека секоја авиокомпанија треба да ја гледа нашата земја како можност, тоа го мислам и за компанијата Виз Ер, но и за сите други 13 компании кои оперираат од нашите два аеродроми – истакнува Бочварски.

Со новата уредба е дефиниран нов модел за распределба на финансиска поддршка за авиолинии и според најавите ќе може да се вклучат повеќе оператори. Предност ќе имаат авиокомпаниите што ќе понудат поголеми воздухоплови, директни линии до поголеми аеродроми и повеќе летови неделно.

Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз ер“ заврши на 1 март годинава. Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66.584.935 денари, во 2020 година 21.098.924 денари, во 2021 година 10.475.649 денари, а годинава не се исплатени средства.

Извор/РСЕ