Струга доби нов Дневен центар за децата со посебни потреби. Овие лица, конечно добија пристојно катче за згрижување, едукација и нега. Во објектот ќе бидат сместени 20-тина деца, за кои ќе се грижат три воспитувачки и психолог.
Иницијативата е на стружанецот Ергин Борово, кој живее во Холандија, а пред две години го преплива Охридското езеро за оваа благородна мисија. Проектот се реализира со меѓународни донации, поддршка од општината и волонтери.
Имаме спонзори од дијаспора, од Холандија и се трудиме сега да имаме што повеќе финансиски средства за да продолжиме до отворање на дом за групно живеење. Ако може да се реализира такво нешто тоа е мојот идеален сон. Јас мислам ќе ни треба година до две да научиме какви потреби имаат децата и дали решението е во групно живеење или не. Така да, ова е идеален почеток за една иницијатива како оваа – вели Ергин Борова, иницијатор за изградба на Дневен центар за лица со посебни потреби во Струга.
Во Струга повеќе од една година немаше Дневен центар за децата со посебни потреби, овој проект ќе го олесни животот на семејствата со социјален ризик. Објектот има повеќе простории и сопствена кујна, а родителите нема да имаат дополнителни трошоци, сместувањето е бесплатно.
Првично физичките услови се трудевме да бидат достоинствени. Да понудиме центар кој што ќе ги има сите потребни услови за таа група лица од 20 до 25 колку што ние имаме капацитет. Во меѓувреме се работи на следење на сите современи методологии значи сме во контакти и соработка со организации од Холандија, Германија кои што ни помагаат со нивни методологии – вели Еди Кела волонтер.
До 2021 година во Струга функционираше Дневниот центар „Порака Нова“, но поради несогласувања со општината и НВО тој згасна. Новиот Дневен центар за деца со посебни потреби ќе обезбеди пристоен живот, едукација, социјализација на деца со развојни или телесни нарушувања.
Новинар : Соња Рилковска