Вработени на Нискоградба се селат во Касарната
Дел од администрацијата на Јавното претпријатие Нискоградба од Охрид ќе биде префрлена во простории на комплексот Касарна. Советниците со 13 гласови ЗА, 5 воздржани и ниту еден Против ја изгласаа одлуката за времено отстапување на претпријатието Нискоградба простории на вториот кат во едниствената функционална зграда во Касарна. Зградата е дел од простор кој според најавите на локалната власт треба да прерасне во технолошка и рекреативна зона, центар за развој и иновации и место за креативно творење и младинско изразување. Бојан Михајлоски советник на СДСМ на почеток на седницата побара повлекување на точката од дневен ред со цел оставање простор за понатамошно пронаоѓање заедничко решение во кое ќе партиципираат сите засегнати страни меѓу кои и младите.
„Затоа што Касарната како развоен план е планирано да биде центар за млади луѓе, развој и иновации место каде што младите ќе имаат свое катче. Мислам дека сите млади стоиме зад таа мисла дека тој простор треба да биде наменет строго за младите за да има формално и неформално образование како и останати општествени и културни дејствија. Барам од мнозинската група во советот оваа точка да ја повлечиме од овој Совет. Па наредно да седнеме сите заедно и да најдеме решение кое ке биде достапно решение кое ке биде добро не само да направиме избрзан потег со кој што младите ке се измешаат со администрацијата каде што младите нема да ги вршат своите проби и работи кои ги обавуваат таму за разлика од сега.“, вели Бојан Михајлоски.
Александар Китески секретар на Општина Охрид кажа дека пренесувањето на административците во Касарната е единствено решение во овој момент со кое се решаваат проблеми кои со години наназад биле запоставувани.
„Станува збор за одлука за времено користење на тие простории од страна на администрацијата од Јавното претпријатие Нискоградба. Таа е дадена на период од 5 години, меѓутоа постои одредба со која што истиот договор може да биде прекинат и претходно. Нашата цел е како Локална Самоуправа во овој мандат на Градоначалникот Кирил Пецаков да обезбедиме зграда во која ќе биде сместена целокупната администрација од сите јавни прептријатија но тоа нема да биде објектот каде што сега ја сместуваме администрацијата на Нискоградба.“, кажа Александар Китески.
Живка Ангелоска советничка на СДСМ кажа дека треба да се почека и да се земе предвид Студијата за технолошко-рекреативен развој на просторот на касарната која треба да се изработи.
„Немам сомнеж дека треба да се искористат просториите меѓутоа студијата што се прави за технолошко рекреативен развој доколку ние целосно го пополниме просторот, тоа е огромна површина не е само за таа зграда, но во тој случај дали има цел и причина да се носи таа студија. “, смета Ангелоска.
За оваа предлог одлука имаше негодување од страна на локалниот младински совет и собранието на млади. Тие предходно оганизираа средба на која присуствуваа и дискутираа претставници на младински организации, претставници од секторот за млади и невладини организации и само 5 градски советници иако беше поканет градскиот совет и градоначалникот. Од средбата произлезе заклучок дека просторот Касарна треба да се развива во насока на подобрување на социјалниот, економскиот, забавниот и културниот живот на младите, а до општината беше доставено известување со кое се бараше одложување на конкретната точка на дневниот ред.