Буџетот на Општина Охрид за 2023 тежок 640 милиони денари
Советот на Општина Охрид го усвои буџетот за 2023 година проектиран на околу 640 мил денари или околу 10,5 мил евра основен буџет. Според позицијата во советот тој е развоен и реален, буџет со поддршка од граѓаните и обезбедува економска стабилност.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски, истакна дека Општина Охрид за прв пат го креираше буџетот транспарентно заедно со граѓаните на отворени денови. Божиновски стави акцент на програмата за култура со која Охрид ќе има меѓународна промоција, а таа опфаќа издаваштво на книги, прв охридски џез фестивал и промоција на театарската уметност меѓу младите, сликање на мурали на истакнати охридски дејци и патека на заслужни граѓани за Охрид. Повеќе средства за програмата за спорт и рекреација, преземање на организацијата на охридскиот маратон и нов фестивал на водени спортови. Од програмата за уредување градежно земјиште советникот ги издвои проектите за реконструкција на улиците „Ѓорче Петров“, „Ариф Мустафа“ во населбата Гоце Делчев, краците на ул. „Ристо Чадо“, реконструкција на дел од ул. „Сатеска“, „Мирче Ацев“, „Марко Цепенков“, атмосферска канализација на ул. „7-ми ноември“ и ул. „Петрино“ и улична патна мрежа во рурални средени.
Буџетот за 2023 год е со повисоки средства и зголемен акцент на културата, образование и детски градинки, млади и невладини, туризам, спорт, уредување на градежно земјиште, изградба и реконструкција на улици и патишта, пречистителни станици, јавната чистота паркови и зеленило. Реален буџет креиран од народот за народот, заснован на реалната моќност на општината – кажа Божиновски.
Координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска кажа дека отворените денови кои имаа цел да обезбедат поголемо учество на граѓаните во креирање на буџетот биле добро замислени, но не ги дале очекувањата. Во предлог програмите во споредба со нацрт верзиите нема ниту една нова активност која произлегла од тие средби со граѓаните, посочи Ангелоска. Изнесе забелешки дека има намалување во програмите за јавна чистота, паркови и зеленило, програмата за изградба на сообраќајна сигнализација, во програмата за капитални инвестиции во образованието, истото се однесува и за капитални инвестиции во детските градинки. Поголемите зафати и проекти се одложуваат, а одредени програми се носат колку да ги има, но не се реализираат, кажа советничката.
Во програмата за уредување на градежно земјиште износот е намален за 22 мил денари, но предвидените активности од нацрт верзијата се задржани, што е задоволително. Во поглед на ставката за изградба на водоснабдителни системи нема детали што планира локалната и во кои населени места и улици. Исто така намалувањето на одредени износи за активности за уредување на градежно земјиште од нацрт програмите до конечната верзија отвора сомнеж дали првичните суми биле реални и за сериозноста на намерата проектите да бидат реализирани или со ребаланси во тек на годината да бидат напуштани – кажа советничката Ангелоска.
Кратењата на средства од нацрт програмите се должи на намалување на буџетот од 32 мил денари од Mинистерство за финансии како и средства кои општината ќе треба да ги плаќа за долг и камати кон УЈП поради неплатен данок од ЈП „Билјанини извори“, кажа претседателот на Совет, Сашо Донев.
Ако мене ме прашувате целта е да се блокира општина Охрид и сите оние средства кои ни се реално овозможени да ги инвестираме во капитални инвестиции да ни ја блокираат сметката којашто веќе од УЈП е блокирана и да ни ги извршуваат парите кои ќе легнат на сметка. Ние како основач на ЈП сме приморани да потпишиме договор за плаќање на рати што ќе ја чини општината 200.000 евра годишно. Не ми е јасно како тоа 4 год од УЈП не им текнало да ја блокира сметката на Општина Охрид туку чекале 600 илјади евра да се направи главен долг со камата и да ја блокираат по промена на власта – посочи Донев.
Долгот кон УЈП не е настанат само во изминатите 4 години, дел е наследен и зголемуван. Вие сте на власт и граѓаните бараат реализација на ветувањата затоа што со програма сте добиле доверба, реплицираше Ангелоска.
Верувајте во 2017-та година состојбата не да беше иста туку уште полоша во одредени јавни претпријатија. Во некои ЈП 3-4 месеци не се плаќаше ни здравствено осигурување ниту плати, но тогашниот градоначалник не сакаше воопшто да дава коментари. Неговиот став беше „ние се нафативме сега е наш проблем и не ви дозволувам да плачете од говорници каква е ситуацијата“. Во нацрт верзиите зошто ги кратите капиталните инвестиции, а имате манифестации, фестивали, трансфери – кажа Ангелоска.
Донев кажа дека советниците ќе добијат стручен наод за тоа кој колку данок платил од 2012 до 2022 и додаде дека очекува институциите да лоцираат одговорност.
Инаку, советничката група на СДСМ и коалицијата поднесе 8 амандмани, претежно на Програмата за уредување градежно земјиште. Прифатен беше само еден, во Програмата за социјална заштита во делот активности да се додаде доделување еднократна парична помош на семејства со дете со тешка попреченост во школска возраст кое не е корисник на стипендија од општината и за таа намена да се издвојат средства од 300000 денари.