Skip to main content

Честит Божиќ

Општина Охрид денес го честита Велигден

Службите во Општина Охрид ги помешаа Божиќ и Велигден.
 |  инфодеск  | 
Честитка за Божиќ

Католичките верници ширум светот денеска го слават католичкиот Божиќ.

Службите во Општина Охрид утрово, во име на градоначалникот Кирил Пецаков, на католичките верници им го честитаа Божиќ со празнична честитка на која пишува „Happy Easter“ или Среќен Велигден.

Сепак текстот на честитката која ја упатува градоначалникот се однесува на празникот Божиќ, кој денеска го слават католичките верници, протестантите и дел од православните христијани кои се водат по Грегоријанскиот календар.

„Нека овие празнични мигови донесат светлина и радост во Вашите домови. Овој голем празник е потсетник дека големата Божиќна радост треба да биде споделена со најблиските и пријателите. Божиќ е симбол на Божјата љубов, простување и милост од кои извира новата надеж за нов почеток. Овој голем празник нè учи да бидеме следбеници на врвните морални и етички норми и да дејствуваме во согласност со начелата на позитивниот дух. Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Празничните денови нека го возвишат Божјиот благослов во Вашите срца, во домовите и во вашите семејства.“ – се вели во честитката на градоначалникот Кирил Пецаков.